Доаѓаат првите вакцини од ЕУ
4 мај 2021Северна Македонија денеска ја очекува првата пратка на вакцини против Ковид-19 од ЕУ. Како што е најавено, по тој повод земјата треба да ја посети и комесарот за проширување Оливер Вархеји, кој во Скопје ќе допатува заедно со австриската министерка за ЕУ, Каролине Едштадлер.
Вархеји ќе оствари средба со премиерот Зоран Заев во Владата, по што ќе го посетат најголемиот вакцинален пункт во арената „Борис Трајковски“.
Европската комисија и Австрија минатиот месец објавија дека вкупно 651.000 дози на вакцините „Фајзер“ ќе бидат доставени на регионот од мај до август. Од нив, 119.123 вакцини се наменети за Северна Македонија.
-повеќе на темата: ЕУ размислува да ги отвори границите за вакцинираните патници
Вархеји синоќа во Белград ја започна својата посета на земјите на Западен Балкан, каде ја донесе првата донација на ЕУ од 1170 вакцини на Фајзер/Бионтек. Планот е Црна Гора ќе добие 2.340 дози вакцини на Фајзер, потоа Босна и Херцеговина – 10.530, а Северна Македонија, Косово и Албанија ќе добијат по 4.680 дози. До август, како што беше најавено, земјите од Западен Балкан ќе добијат вкупно 651.000 дози вакцини од колективната набавка на ЕУ.
Најголем број вакцини ќе добие БиХ - 214.000, потоа Албанија -145.000, Северна Македонија – 119.000, Косово 95.000, Црна Гора 42.000 и Србија 36.000. Координацијата за дистрибуција на вакцините донирани на Балканот ја презеде Австрија.
„Патувам за Западен Балкан за да испратам јасна порака: Ние се грижиме. Се грижиме за нашите партнери и се грижиме за нивните здравствени работници и за најранливите лица. Испораката на вакцините ја потврдува нашата постојана заложба да обезбедуваме поддршка, како што тоа го правиме од почетокот на пандемијата. Заедно сме посилни!’’, изјави Вархеји.
-повеќе на темата:Скопјани на вакцинација во Охрид, велешани во Кавадарци
Денеска започнува и масовната имунизација на граѓаните со кинеските вакцини на „Синофарм“, кои се распределуваат во шест градови во Северна Македонија, каде во идниот период ќе бидат отворени вакцинални пунктови. Салите каде ќе се одвива процесот на масовна имунизација се подготвени. 200.000 вакцини се дистрибуирани во спортската сала „Борис Трајковски“, како и во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, каде ќе се одвива масовната вакцинација против Ковид-19. Надлежните најавија дека дневно ќе се вакцинираат меѓу 10 и 15 илјади граѓани.
По пристигнувањето на 200 илјади вакцини од „Синофарм“, министерот за здравство Венко Филипче, најави дека се очекува да пристигнат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“, а засега неизвесно е пристигнувањето на вакцините на „Астра Зенека“. Досега во Северна Македонија се вакцинирани 61.600 граѓани.