1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинацијата против морбили задолжителна - конечно!

Фабијан Шмит
15 ноември 2019

Бројот на вакцинации во Германија е опаднат бидејќи во општеството се етаблираа одбивниот став кон технологијата и еко-идеологијата. Добро е што сега државата ќе ги штити децата од нивните родители, смета Фабијан Шмит.

https://p.dw.com/p/3T5kA
Karikatur von Céline Rübbelke Masern

Скандалозно е што и во високо развиена индустриска држава како Германија во изминативе години во одредени региони избувнуваа епидемии на сипаници. Тоа не мора да биде така, бидејќи класичните вакцини против морбили, заушки и рубеола одамна си функционираат, па сипаниците всушност можеле да бидат и искоренети, а Германија да биде меѓу првите во борбата против сипаници во светот. Но, актуелната статистика на Светската здравствена организација покажува дека процентот на вакцинирано население се намалува: од 97% во 2013 на актуелно - само 92%. Според експертите, неопходно е 95% од населението да е вакцинирано за да може да се зборува за негова целосна заштита.

Идеолошки задршки спречуваат оптимална заштита

За намалениот процент на вакцинирани лица има две причини. Една е доселувањето на лица од земји во кои здравствените стандарди се пониски од оние во Германија. Од друга страна, недостасува имунизација на деца родени во последните години. Над 10 проценти од најмладите не се вакцинирани против морбили, онака како што тоа го препорачува Комисијата за вакцинација, имено двапати во првите две години по раѓањето. Само ваква двојна вакцинација гарантира доживотна заштита. Речиси секое дванаесетто дете родено во 2016 нема примено ниту една вакцина!

Schmidt Fabian Kommentarbild App
Фабијан Шмит, автор на коментарот

Причината за тоа во најголем дел не е поради немарноста на родителите кои ги забораваат термините за вакцинација, туку идеолошка тврдоглавост, бидејќи токму во земјата на благосостојба Германија постои нерационално отфрлање на модерната хемија и медицина. Демонизацијата на атомската енергија, пилињата со хормони, генетски модифицирани растенија, поли-карбонати и млекото од Тетрапак е едната страна на еко-лајфстајл медалот. Другата страна е противењето на вакцинации.

Во езотерично инспирираниот рајски свет на биолошко-динамично едуцираното граѓанство се смета дека е шик да се спротивставиш на модерните текови.

Парадокасално, но точно: токму мајките со повисоко образование и висок социоекономски статус се натпросечно застапени меѓу поборниците против вакцинација. Копнежот по тоа да се биде „природен“ и „исконски“ го попречува видикот кон она што ни го обезбеди модерното индустриско општество со конвенционалната медицина и нејзините технолошки откритија – имено заштита од болести, хронични заболувања, сиромаштија и нечистотија.

Правото на децата тежи повеќе од правото на родителите

Жртви на таквата идеологија се децата. Ним им се ускратува најдобрата можна медицинска превенција или нега во случаи кога родителите избираат да апстинираат од вакцинирање, се одлучуваат за хомеопатија или слични суеверија. Но, правото на децата на телесно здравје и интегритет мора секогаш да тежи повеќе од правото на родителите на слободен избор и практикување на животниот стил. Тука се повлекува црвената линија.

Оттука, законодавецот сега го извлече правилниот и единствен заклучок - имено дека децата кои сакаат да се запишат во дневен престој или училиште мора да бидат вакцинирани. Истото важи и за оние лица кои живеат во бегалски сместувалишта, бидејќи токму во места каде повеќе луѓе делат ограничен простор за живеење болеста особено брзо се шири. Родители кои не ги вакцинираат своите деца мора да сметаат на казни од 2500 евра. На прв поглед казната може да изгледа несоодветно висока, но со оглед на тоа дека децата не може да бидат исклучени од наставата заради обврската во Германија да се оди на училиште, мора и заканата да биде толку силна што навистина ќе има ефект.