Термини за сите, но и апел за трпеливост
18 мај 2021Епидемолошката состојба во Германија продолжува да се подобрува- актуелните бројки на институтот „Роберт Кох“ продолжуваат да даваат надеж: во текот на изминатите 24 часа се пријавени околу 4.200 нови случаи на Ковид-19. Инциденцата на 7-дневно ниво на национално ниво сега е под 80.
Во исто време, вакцинацијата напредува со засилено темпо и од 7 јуни повеќе нема да важи системот со кој им се дава приоритет на одредени граѓани кои се вбројуваат во ризични групи.
Ова значи дека сите граѓани постари од 16 години кои не припаѓаат на ниту една од трите приоритетни групи според возраста, претходната болест или професијата, можат да аплицираат за термин за вакцинација во Германија од 7 јуни.
Апел за трпеливост
Ваквата одлука на пресконференција ја објави германскиот министер за здравство, Јенс Шпан. Тој исто така најави дека од овој момент лекарите во претпријатијата и приватните лекари исто така ќе бидат вклучени во кампањата за вакцинација.
Повеќе:
-Доктори се жалат дека Германците стануваат агресивни во потрага по вакцина
-Дали со награди се зголемува подготвеноста да се прими вакцина?
-Германија: Од недела - олеснувања за вакцинираните и оздравените
Во исто време, Шпан апелираше до граѓаните за трпеливост. Тој истакна дека укинувањето на приоритизацијата не значи дека сите ќе бидат повикани на вакцинација во рок од неколку дена, но оти секој кој сака ќе добие можност да се вакцинира.
40 милиони вакцини
Според министерот имунизацијата во земјата е забрзана во последните недели и оти до крајот на мај околу 40 отсто од населението во Германија ќе прими барем една доза.
Шпан додаде оти 70 отсто од населението постаро од 60 години примило една доза, а една четвртина од граѓаните се целосно вакцинирани. Во Германија, со 83 милиони население, вкупно се дадени 40 милиони дози вакцини против коронавирусот, а околу 9 милиони луѓе се целосно вакцинирани.
По повеќемесечниот локдаун, стапката на нови заразени во Германија опаѓа, а одделни покраини полека почнаа да ги ублажуваат рестриктивните мерки.