Зошто доцни вакцинацијата: Оскар за германската бирократија
11 март 2021Германија очекува да вакцинира далеку повеќе луѓе од почетокот на април кога во процесот ќе се вклучат и матичните лекари, но не треба да се очекува да се вакцинира 25% од населението во само еден месец, вели германскиот министер за здравство Јенс Шпан.
Расте фрустрацијата во Германија поради бавниот тек на вакцинацијата против коронавирусот. Само 6,4% од 83-милионското население досега примиле прва доза вакцина, далеку зад земји како Велика Британија, Израел и САД.
Критичарите ги обвинуваат германската бирократија и бавното носење одлуки, како и потпирањето на ЕУ да ги обезбеди потребните дози.
Шпан вели дека стапката на вакцинација ќе се зголеми во април, кога матичните лекари ќе се вклучат во процесот во нивните ординации.
„Но стапката на вакцинација нема веднаш да се зголеми на 20 милиони месечно, или 10 милиони неделно. Во април ќе има далеку повеќе вакцинации, но не на тоа ниво“, вели Шпан.
Владиниот портпарол Штефан Зајберт вели дека се очекува до јуни да се вакцинираат по околу 10 милиони граѓани неделно.
Првиот човек на лекарската комора во Германија вели дека матичните лекари можат да вакцинираат по 5 милиони луѓе неделно, и побара од владата да им го дозволи тоа.
„Само дозволете ни да вакцинираме, ставете ни ја вакцината на располагање преку апотеките и не не убивајте со бирократија“, изјави Андреас Гасен. Тој критикува дека „германската тенденција да се добие Оскар за бирократија“, ги забавува процесите. „Не мораме да регулираме се до последен детаљ“, вели првиот човек на лекарската комора.
Од владата се уште нема одобрение за матичните лекари да можат да вакцинираат. Иако одлуката се очекуваше денеска, таа е одложена за една недела.
Експертите во Германија го поддржуваат и користењето на руската вакцина Спутник V за која се уште се чека одобрение од Европската агенција за лекови.
„Тоа е добра вакцина, која веројатно ќе биде одобрено во ЕУ во иднина“, изјави Томас Мертенс од германскиот панел за користење на вакцините.