Светските лидери ги засукаа ракавите - која вакцина ја одбраа
Германската канцеларка Ангела Меркел се приклучи на растечката листа на светски лидери кои се вакцинираа против Ковид-19, таа прими АстраЗенека. Преглед на дел од државниците кои веќе се вакцинираа.
Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден во јануари ја прими втората доза вакцина од Бионтек/Фајзер. До средината на април, според податоците на Американските центри за контрола и превенција од заразни болести, во САД најмалку 120 милиони граѓани примиле прва доза вакцина, а преку 70 милиони се целосно имунизирани.
Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху исто така прими вакцина од Бионтек/Фајзер. Израел има на располагање милиони вакцини преку договор со Фајзер, кој предвидува давање медицински податоци на фармацевтскиот концерн за возврат. До средината на април, 53% од 9 милиони жители на Израел се имунизирани со вакцината на Бионтек/Фајзер. Израел главно ги укина рестрикциите воведени поради пандемијата.
Нарендра Моди
Индискиот премиер Нарендра Моди на 1 март бил имунизиран со вакцината Коваксин, произведена во Индија. Во земјата први на ред за вакцинација се вработените во здравството, на првата линија во борба против Ковид-19 и хронично болните. Индија во моментов е втора во светот според бројот на случаи на заболени од Ковид-19, по најновиот пораст на нови инфекции.
Борис Џонсон
Британскиот премиер Борис Џонсон ја прими првата доза од вакцината на АстраЗенека во март. Таа е развиена во соработка со Универзитетот Оксфорд и во моментов е во фокусот поради низа контроверзи. Неколку земји ја прекинаа нејзината употреба поради случаи на згрутчување на крвта кај вакцинирани со оваа вакцина.
Жан Кастекс
Францускиот премиер Жан Кастекс беше вакциниран со АстраЗенека во истиот ден со британскиот колега Борис Џонсон. Тој тоа го направи пред телевизиските камери, со цел да ја врати довербата во оваа вакцина кај граѓаните.
Скот Морисон
На австралискиот премиер Скот Морисон му беше инјектирана вакцината на Бионтек/Фајзер. Тој тврдеше овој месец дека Австралија во вакцинацијата ги надминала Германија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Јапонија. Но, сепак тој се откажа од својата цел – сите Австралијци да бидат целосно имунизирани до крајот на оваа година.
Реџеп Таип Ердоган
Турскиот премиер Ердоган пред камерите се вакцинираше со кинеската вакцина Синовак во јануари. Целта на јавното вакцинирање беше да ги мотивира граѓаните да се имунизираат. Во Турција досега се дадени околу 19 милиони дози вакцини, главно Синовак, додека вакцинирањето со Бионтек/Фајзер почна на 2 април.
Јок Видодо
Индонезискиот претседател Јоко Видодо ја прими вакцината Синовак. Втората доза му беше дадена на 27 јануари, настанот беше пренесуван во живо на телевизијата. Владата планира со вакцинација на 181 милион жители да заврши во следната година.