1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буџет од 3,2 милијарди евра-илузорен оптимизам пред избори?

Костадин Делимитов25 септември 2015

Економски нереален, политички очекуван потег на власта. Во кризна и изборна година е илузорно да се проектира рекордно тежок буџет, предупредуваат експерти и бизнисмени. Власта пак е оптимист.

https://p.dw.com/p/1GdMU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонската Влада следната година планира да потроши рекордни безмалку 3,2 милијарди евра. Проекциите за државната каса што ги обелодени министерот за финансии Зоран Ставрески се досега рекордни. Расходите или планираните трошоци изнесуваат 3,18 милијарди евра, или 6% повеќе од годинава. Амбициозниот владин план предвидува поддршка преку приходната страна од 2,9 милијарди евра, или 300 милиони евра помалку, што во превод значи дека дефицитот би изнесувал околу 3,2% од БДП. Владата ветува повеќе пари за пензии, социјална помош, капитални инвестиции, подобри денови за бизнисот, стабилност и заштита на животниот стандард на граѓаните. Прогнозите се оптимистички, но дали и колку се реално остварливи? Дел од експертите предупредуваат дека власта повторно „претерала“ во своите амбиции, иако не се изненадени со оглед дека станува збор за буџет во година кога треба да се одржат парламентарни избори:

„Расходната страна во буџетот е предвидена во толкав обем и поради претстојните активности во делот на изборната година и тоа не само што ќе се реализира со ваков тип зафати, туку можеби и дури ќе се надмине. Но големо прашање е дали ќе се успее да се реализира делот во приходите, бидејќи предизборно ќе потфрлуваат и контролните органи, ќе бидеме сведоци на „гледање низ прсти“ во делот на контролните механизми. Ако сите овие параметри базираат или се оправдуваат со состојбите од последниве 2-3 месеца, кога традиционално имаме зголемени сезонски приходи поради престојот на иселениците, тогаш тоа е малку нерационално. Ако пак се погледне подлабоко во аспектите околу стандардните ветувања, пред се‘ во делот на социјалната димензија, а од друга страна економската димензија на предвидените 400 милиони евра за капитални инвестиции, ќе се забележи дека тие се најмалку капитални, туку повеќе се тркала, стебла на палми и слично, што воопшто не се капитални инвестиции со продуктивна моќ. Па споредете само со претходните години - ќе видите дека е исто, како последно гледајте што се случува со студентските домови, што е само еден пример за неодговорното и нерационално трошење. Дополнително и нетранспарентноста во овој дел, што не‘ става во редот на најлошо рангираните африкански земји. И конечно за пензиите, повторно слушаме дека тие ќе растат и тоа во услови кога пензискиот фонд е неодржлив и над 50% се полни од буџетот со тенденција на раст. Како и да е, за мене беше очекувано пред избори да имаме вакви предлози, што е веќе и видено во серија од 2010. година па наваму. Ова е последен обид да се испумпаат сите можни аспекти од политиката ’помалку земај, а повеќе троши’, што е еден имагинарен свет на секој политичар. Но, сето тоа води кон зголемување на јавниот долг, што кај нас и онака е веќе пред критичните граници“, вели универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.

Abdulmenaf Bedzeti Akademiker Mazedonien
Абдулменаџ БеџетиФотографија: Sveto Toevski

Скепса кај бизнисмените

Бизнисмените генерално се задоволни кога слушаат високи проекции за капитални проекти, што по правило треба да значи и повеќе пари за нив, но овојпат и тие се скептични дека очекувањата може да станат и реалност:

„Убаво е да се слушне дека ќе има раст од 4%, но не знам колку тој би бил и реално остварлив. Ако се прави паралела со состојбите во ЕУ и очекувањата базираат главно на овие податоци, тогаш мислам дека тоа е неодржливо и илузорно. Дополнително, ако се има предвид фактот дека поради актуелната политичка криза економската активност е реално забавена, фирмите се соочени со ненаплатени долгови, неликвидност, а допрва претстојат и избори, кога по традиција се` забавува. Дефинитивно дека не‘ очекува тензичен период и година која ќе ја одбележат разни турбуленции. Затоа не сум голем оптимист, но и не сум изненаден, бидејќи ова е очекувано пред избори“, коментира за Дојче веле директор на една од поголемите извозни компании.

СДСМ: Бесмислено е економски да се коментира која било мерка и одлука на Владата

За опозицијата е бесмислено да се коментираат проекциите на власта, посебно во услови кога таа е соочена со сериозни сомнежи за криминал и корупција. Презентираното од страна на министерот за финансии во СДСМ го толкуваат како „фамилијарна солидарност пред заедничката пропаст“:

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

„Многу одамна е сосема е бесмислено економското коментирање на која било мерка или одлука на оваа влада. Македонија е држава во која наместо Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи е задолжено за донесување на буџетот. Уште од пред неколку години кога Ставрески и веќе бившата Јанкуловска насилно ги исфрлија пратениците од опозицијата од парламентот, коментирањето на предлогот на буџет од страна на оваа власт е дегутантно. Исто како и со ребалансот на буџетот за оваа година кој следуваше ден после потпишувањето на договорот од Пржино и имаше за цел единствено да соопшти лажни розови економски успеси, ден после пратеничките прашања во кои премиерот Груевски немаше одговор на ниту едно прашање врзано со криминалот и корупцијата поврзана со него и неговата фамилија, неговиот кум Ставрески излезе со импровизиран прес околу буџетот за 2016. Само пред неполни 24 часа самиот Ставрески одговарајќи на наместено прашање од пратеник на неговата партија и‘ соопшти на македонската јавност дека буџетот за 2016 интензивно е предмет на работа и проекции на сите инволвирани институции. Тоа што премиерот својот лош ден сакал да го покрие објавувајќи на својот Фејсбук-профил дека ќе ги награди пезионерите и примателите на социјална помош со петпроцентно зголемување за 2016, а Ставрески морал да го покрие со бедниот прес околу буџетот можам да го третирам само како фамилијарна солидарност пред заедничката пропаст. СДСМ во парламентот ќе ги презентира своите буџетски проекции кои ќе станат политика на идната влада почнувајќи од април 2016, а која во својата основа значи изградба на социјално поправедно општество и враќање на достоинствениот живот на мнозинството граѓани на Македонија“, коментира Кире Наумов претседател на Комисијата за финансии на СДСМ.

Ставрески: Македонската економија е жилава

Министерот за финансии Зоран Ставрески пак смета дека нема ниту една причина да не се верува во остварливоста на проекциите за економски раст од 4%, посебно ако се има предвид дека тој ќе се базира врз политика на поддршка преку капиталните инвестиции:

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Зоран Ставрески презентираше досега рекордни проекции за државната касаФотографија: Petr Stojanovski

„Македонската економија е жилава и може да се справи со одредени ризици и може добро да одговори на тие ризици. Се` на се`, се работи за еден буџет кој се потпира на два основни столба, како политки што ги имавме и во претходниот период. Преку висок износ на капитални инвестиции да го помогнеме развојот на македонската економија, да ангажираме голем број македонски фирми за изградба на разните инфраструктурни проекти, но и за производство на суровините и репроматеријалите што се потребни во тој процес. Од друга страна, да обезбедиме стабилност, посебно за ранливите категории на граѓани и заштита на нивниот животен стандард“ изјави Ставрески.

Во однос на структурата на расходите, ќе се потрошат речиси исто пари за плати и за капитални инвестиции. Платите на администрацијата ќе чинат повеќе од 420 милиони евра, што е раст од 3,3 отсто во однос на годинава, додека пак за капитални инвестиции ќе се издвојат 408 милиони евра, или 13 отсто повеќе од 2015. Традиционално е висока и планираната сума за стоки и услуги, која е речиси 320 милиони евра.