Бурка - одмаздничка: Нова суперхероина во Пакистан
7 август 2013Таа е комплетно покриена. И‘ се гледаат само очите и прстите. Остатокот од телото го сокрива под црна бурка. Јија- така се вика оваа суперхероина- но, целото тело го прекрива само во сцените кога се бори, кога со своите супермоќи го победува злото во Пакистан. Притоа не користи оружје, туку книги и молитви. „Тие се симбол дека перото е посилно од мечот“, објаснува Харон Рашид, креаторот на серијата во интервјуто за ДВ. „Сакаме да им покажеме на гледачите дека образованието може да реши многу проблеми.“ Оваа анимирана телевизиска серија наречена Burka Avenger односно Бурка - одмаздничка се состои од 13 епизоди, во времетраење од 22 минути. Приказната се одвива во измислениот град Хавалпур. Во средиштето на случувањата се суперхероината, која во секојдневниот живот е наставничка, и тројца млади ученици.
Бурката не е симбол на репресија
Фактот дека хероината носи иста облека каква што носат конзервативните муслиманки во Авганистан и Пакистан, не наиде само на одобрување. Некои нејзината облека ја гледаат како симбол на репресија. „На Запад бурката има силно симболично значење, поради тоа на почетокот сите реагираат со одредена доза на страв“, објаснува Сабине Шифер, соработничка во Институтот за одговорност на медиумите во Ерланген. „Оваа суперхероина не одговара на клишеата, таа се бори против неправедност“, вели Шифер во разговорот за ДВ.
Во анимираната серија бурката личи на облеката на јапонски нинџа. „Таа го покрива со неа исто како и другите суперјунаци- својот идентитет“, појаснува Рашид. Освен тоа во серијата сакал да вгради и локален карактер. Креаторот на серијата, Рашид, намерно не избрал костими какви што носат „Кетвуман“ или „Вондер вуман“. Тој смета дека многу суперхероини, кои се креирани на Запад се неадекватно облечени, бидејќи изгледаат секси и тоа ги прави објекти.
Секоја епизода е нова приказна
Некогаш се работи за заштита на средината, некогаш за малцинските права. Иако серијата содржи критика на општествената состојба во Пакистан, таа е спакувана во забавна и за децата прикладна форма. Нема брутални сцени. Во една епизода волшебник направил робот, кој би требало да го освои светот. Затоа волшебникот сака да го испрати роботот на пат околу светот, но не успева да добие виза за ЕУ. Во првата епизода, која е емитувана во неделата (28.7.2013.) едно селско училиште треба да се затвори. Но „Бурка Одмаздничката“ ( Burka Avenger) успева тоа да го спречи. Таа борба во Пакистан е многу позната. Талибанците веќе уништија неколку стотици училишта, бидејќи се против образование за девојките. Приказната многу потсетува на случајот Малала Јусафзаи. Во октомври 2012 година екстремистите се обидоа да ја убијат оваа млада ученичка. Малала јавно ги критикуваше талибанците и го бранеше образованието за девојките во Пакистан.
Меѓународната публика не е цел
Рашид со својата серија сака да допре до пакистанската публика. Серијата моментално се емитува на урду јазикот, еден од официјалните јазици во Пакистан, на популарна приватна тв-станица. Целта е да се емитува серијата и на пашту јазикот, за да можат да ја разберат луѓето кои живеат на севрозападот на земјата, како и Авганистанците кои зборуваат паштунски.
Освен серијата, Рашид воведе и апликација за смарт-телефони. „Така се' започна“, објаснува тој. Пред 3 години заедно со програмерите направил интерактивна апликација за бурка-хероината. За да ја пријави морал да изработи анимација, која толку му се допаднала што решил да направи цела телевизиска серија. Најголемиот дел за серијата Харон Рашид самиот го финансирал. Во серијата има и музичка заднина, бидејќи тој порано бил член на некогаш популарна пакистанска група.
Промените во Пакистан се одвиваат полека
Да насмее, да забавува и да испрати позитивни општествени пораки, тоа е според Рашид целта на оваа серија. Не постојат разлики меѓу луѓето- а образованието ја подобрува животната состојба, тоа е пораката.
Стручњакот за медиуми Сабине Шифер меѓутоа смета дека во Пакистан треба да се сменат уште многу работи, пред сето наведено да може да допре до пакистанското општество. „Пораката која ја пренесува серијата- дека се' може да се постигне со образование- во Пакистан не е во потполност точна“. Бидејќи, од системот на општествена поделеност сепак не е лесно да се побегне, вели Шифер.