1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бунтот против персоналецот е оправдан или лицемерен?

Костадин Делимитов
5 април 2018

Економскиот дел од концептот „еднакво и фер општество за сите“ од првичната поддршка сега се најде на нож. Како Заев и Тевдоски останаа безмалку осамени во битката која допрва ќе треба да ја бијат?

https://p.dw.com/p/2vWSM
Symbolbild Bilanz
Фотографија: picture alliance/dpa/Chromorange

Даночната реформа беше едно од клучните предизборни ветувања со кои СДСМ минатата година дојде на власт во Македонија. Оваа реформа беше најавувана како клучен темел на градењето праведно и еднакво општество за сите и како концепт доби поддршка. Но кога дојде време да се имплементира, предизвикува безмалку бунт кај пошироката јавност. Па дури и меѓу оние кои не само што го поддржаа, туку и јавно го пропагираа овој концепт.

Сѐ започна по најавата на министерот за финансии Драган Тевдоски дека границата на прогресивно оданочување ќе се позиционира на приходите над 1.000 евра месечно, што во јавноста беше дочекано  на нож. Се кренаа експерти, универзитетски професори, бизнисмени. Дел од нив, генерално против оваа реформа, но дел и со критики дека прагот што се предлага е пренизок. Вријат и социјалните мрежи каде се множат критики од типот, отпуштете ги паразитите во јавната администрација па реформирајте, или, вратете ги украдените пари, па потоа земајте од народот.

Повеќе: 

Пресметка кај ДДВ коралот

Македонија веќе нема да биде даночен рај!

Секој втор Македонец пријавен на половина плата

Смислено сценарио?

Но на што се должи ваквиот револт во јавноста? Дали е тој издржан и оправдан или крие други мотиви? Дел од упатените предупредуваат од лицемерие и се сомневаат во смислено сценарио:

„Тие што се бунат се сигурно категорија на погодени во случајот затоа што бројот на работници кои земаат плата над 1.000 евра е далеку и под минимален. Сите овие што реагираат сега се претежно во име на крупниот капитал и газдите. Доволно е ако земете дека имаме 70.000 фирми регистрирани во Македонија. Тоа се газдите или управителите и друга категорија и дел на менаџерските тимови. Нив ги тангира ова, а обичниот работник воопшто не, па дури и во ИТ-индустријата каде е мал бројот на оние што земаат толкави плати“, предупредува Пеце Ристевски од Синдикатот на вработените во индустријата.

Тој смета дека најавената реформа нема да има никаков негативен ефект врз работниците. Напротив, вели таа е во интерес на граѓаните, а против е само мала група:

„Ова сѐ што го гледаме е лицемерно. Нека излезат газди од дејностите и нека кажат колку од нив делат плати над 1.000 евра.Таква фирма тешко ќе најдете во Македонија. Значи лицемерно е до бескрај. Треба да се воведе таа мерка, бидејќи сега подеднакво товарот паѓа на сите граѓани, што не е случај во светот. Таму најголемиот товарот го носат богатите“, смета Ристевски.

Symbolbild Insel aus Euromünzen mit Pflanze
Фотографија: Fotolia/Fantasista

 Популистички ефект

Наспроти ваквиот став на синдикалците, експертската јавност критикува дека воведувањето на вакво решение ќе предизвика главно негативни ефекти. Според универзитетскиот професор Зоран Ивановски реформата нема да има фискален туку чисто популистички ефект:

„Јас сум од оние кои силно викаат дека тоа не е добро. И една од првите лекции во принципот на економијата е дека политичарите не ги слушаат професорите по економија. Наше е да кажеме што е проблематично и лошо, а во случајов станува збор за чисто популистичка политика. Имаме популистички политики и најави кои поминуваат кај гласачите. Јас ги разбирам и сега е до нив дали ќе си стојат на нив и ќе тераат или пак ќе се пишманат. Но не може да бараат и очекуваат поддршка од оние кои разбираат. Таа политика е катастрофална и нема да има ефект во даноците. Не е до парите, туку целта е да се покаже дека ете има некаква рамноправност“, реагира Ивановски.

Клучниот проблем според него е што форсирањето на ова решение ќе предизвика негативни ефекти врз економијата:

„Ќе се зајакне даночната евазија и она што е квалитетно ќе избега во странство. Оттука фискален ефект нема, а популистички има. Но прашањето е дали им требаат пари или им требаат гласачи. Дефинитивно стилот на сите им е да настапуваат пред избори со популистички мерки со кои ќе ги привлечат помалку информираните гласачи. И тоа добро звучи, ќе им земеме на богатите и ќе се изедначиме. Но видете, ние не можеме да се извлечеме по она што ни се случуваше 10 години. Не можеме постојано да одиме на модел на изборна економија што е економски штетно и не може да оди до бескрај. Претходниот нѐ задолжуваше, сега овој ќе ни ги зема парите. Видоа дека претходните со социјализам и комунизам останаа 10 години на власт, па сега пак ќе правиме социјализам ли“, прашува Ивановски.

Во вакви услови единствено за што би можело да се разговара и анализира е прогресивно оданочување, но со поинакви и повисоки стапки:

„Прогресивно оданочување да, но треба добро да се размисли и анализира. Оти да зборуваме за праг од 1.000 евра е срамота. Но на пример за 2.000  веќе може да се размислува. Иако ни едниот ниту другиот нема фискален ефект, но има да кажеме еве ние се грижиме и нешто правиме. Така би било подобро ако има желба да слушаат. Ако сѐ си знаат, ние сме тука да критикуваме“, вели Ивановски.

Mazedonien Koco Angusev und Dragan Tevdovski
Различни мислења за персоналецот и кај министрите: Кочо Анѓушев и Драган ТевдовскиФотографија: Government of Republic of Macedonia

Владина програма

Даночната реформа околу персоналецот предизвика поделеност и во владиниот економски тим. Министерот за финансии Драган Тевдоски и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на јавен настап спореа околу ова прашање. Тевдоски најави дека границата за зголемување на персоналецот на 18% ќе се утврди на нето 1.000 евра месечен приход, додека пак Анѓушев изјави оти смета дека овој праг треба да биде повисок. Се огласи и премиерот Зоран Заев кој објави дека со оваа реформа ќе бидат засегнати 74.000 луѓе, а ќе се собере сериозна сума пари. Дебатата околу ова прашање според него е преуранета, а конечната одлука допрва треба да произлезе од неа:

„Персоналниот данок е владина програма,  а ако е владина програма таа ќе се спроведе. Ние не сме слепи имплементатори на нешто што сме ветиле или стои во некој документ. Целта е да се постигне ефект и благодает, а суштината е да постигнеме фер и правично општество“, рече Заев

Во времето на владеење на ВМРО ДПМНЕ даночната политика беше заснована на принципот на рамен данок, концепт кој уште во старт наиде на остри критики дека само ќе го продлабочи јазот помеѓу богатите и сиромашните во општеството. Ефекти од оваа мерка имаше, но тие главно ги почувствуваа странските инвеститори и претставниците на домашниот капитал.