Помошта за Грција и отпорот во Бундестагот
19 август 2015Бундестагот на вонредна седница, поради која пратениците мораа да го прекинат одморот, ќе гласа за одобрување на третиот пакет финансиска помош за кризната и презадолжена Грција. Според договорот со меѓународните кредитори, за возврат за кредитите од 86 милијарди евра, грчката влада се обврза на драстични мерки за штедење и реформи, како на пример, покачување на даноците и промени кај пензиите.
Претходно, кога Бундестагот решаваше дали воопшто треба да се поведат преговори со Грција за нова помош, 60 пратеници на Унијата ЦДУ/ЦСУ - една петтина од фракцијата - гласаа против или се воздржаа. Скептичарите предвидуваат дека денеска би можело да има значително повеќе гласови НЕ од партијата на канцеларот Ангела Меркел - и тоа и покрај острите закани со казнени мерки од страна на шефот на фракцијата Каудер.
Еден од оние кои и јавно се декларираат против помошта за Грција е Кристијан фон Штетен од ЦДУ. Од побуна поради курсот на неговата фракција тој сега ја уфрли во игра и можноста од востановување парламентарна анкетна комисија. „Таа би морала да испита дали мерките за помош воопшто се во согласност со европските договори“, рече вон Штетен во изјава за Инфорадио.
Владата: неопходно е учество на ММФ
Претставник на Сојузното министерство за финансии нагласи дека е „безусловно неопходно“ учеството на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) при стабилизацијата на Грција. Но, решението за тоа ММФ ќе го донесе дури во октомври, кога за прв пат треба да биде проверено спроведувањето на мерките од третиот пакет помош. „Прво мора да се види што ќе направи Грција“, рече претставникот на министерството.
Канцеларот Меркел во интервју за телевизијата ЦДФ искажа увереност дека ММФ ќе учествува во третиот пакет. А нејзиниот портпарол Штефан Зајберт уште еднаш нагласи дека и без отпишување на долговите има простор за нивно олеснување. На пример, според него, би можеле да бидат продолжени роковите за отплата и намалени каматите за Грција.
„Боцки“ за Меркел од коалициониот партнер СПД
Карстен Шнајдер, заменик-шеф на фракцијата на СПД, во гласањето на Бундестагот за помошта за Грција гледа и решение за иднината на Меркел. За пакетот преговараа сите шефови на држави или на влади од еврозоната и ако сега мнозинство од фракцијата на канцеларот биде против, „тогаш тоа би бил таков доказ за недоверба, што таа би требало да даде оставка“, рече Шнајдер за радиото РББ. Но, веднаш додаде оти и самиот претполага дека во фракцијата на ЦДУ ќе има мнозинство.
Левичарската партија: Нужна е европска конференција за долговите
Поделени ставови има и во опозицијата: додека мнозинство од Зелените ќе гласа за пакетот, партијата на Левицата го одбива. Партискиот врв има намера да и’ препорача на партијата да не даде согласност за овој пакет, рече во Берлин нејзиниот претседател Катја Кипинг. „Таа спогодба е резултат на економска уцена“, рече таа образложувајќи го одбивањето. „Темелниот проблем во спогодбата го гледаме во тоа, дека голем дел од таканаречените пари за помош повторно мора да биде наменет за отплата на стари долгови“.
Кипинг проценува дека 50 милијарди евра треба да одат за отплата на стари долгови. Тоа е економски бесмислено и придонесува натамошно да расте спиралата на задолжување на Грција. Оттука Левицата, повикувајќи се на една анализа на ММФ, се залага за европска конференција за долговите, на која треба да биде барано решение за сите земји-должнички од југот на Европа. „За прашања како отпис, реструктуирање и мораториум на долгови“, треба заеднички да се разговара, вели Кипинг.
Грција „точка по точка“ да го спроведе договореното
Владиниот портпарол Зајберт категорично исклучи владина согласност за таква конференција за долговите. Таа и не е потребна, оцени Зајберт: „Ние се надеваме дека со третиот пакет може да биде направен пресврт кон подобро“. Но, според него, тоа ќе успее само ако грчката влада и држава „го спроведат, точка по точка, она што стои во спогодбите“.
Притоа може да помогне и она, што во најновиот месечен извештај го констатира Бундесбанката - значителното подобрување на конјунктурните изгледи за Грција: „При поволен развој и при старт на третата програма за помош уште во текот на летово, економската ситуација би требало постепено да се подобрува“.
Растечкиот број на туристи и дотекот на пари за помош од европските регионални и структурни фондови придонесоа бруто домашниот производ на Грција во периодот од април до јуни да порасне за 0,8 проценти, двојно повеќе од германскиот! Но, дури на гласањето ќе се види колкумина скептици можела оваа вест вистински да предомисли, гласање кое и во Грција веројатно ќе биде следено со внимание.