Бундеслига: сите против Бајерн Минхен
По кусата пауза поради квалификациите за СП во Русија, викендов продолжуваат натпреварите од германската фудбалска Бундеслига. Сите информации за 18-те тимови и очекувањата од нив, ќе ги најдете во нашата фото-галерија:
Бајерн Минхен
Бундеслигата е лига во која 18 тимови играат 34 натпревари и на крајот победува Бајерн. Во најмала рака, тоа беше случај веќе 27 пати. Откако го донесоа најскапото засилување во историјата на клубот- Корентин Толизо за 40 милиони евра- целта на германскиот првак е непроменета: сѐ освен титулата ќе биде големо разочарување. Прогноза на ДВ: само Бајерн може да ја освои Бундеслигата.
РБ Лајпциг
Минатата сезона Лајпциг долго му беше зад петиците на Бајерн и на крајот успеа да се квалификува за Лигата на шампионите како второпласиран. Но, сега под зголемен притисок: ќе остане ли клубот верен на политиката на развој на млади играчи? Прогноза на ДВ: пласман меѓу петте најдобри, но во прашање е директниот пласман во Лигата на шампионите.
Хофенхајм
Најмладиот тренер во Бундеслигата го доведе Хофенхајм на чекор до Лигата на шампионите. Очекувањата сега се поголеми, но тимот загуби неколку клучни играчи. Јулијан Нагелсман лани беше прогласен за тренер на годината, но годинава ќе се соочи со сосема нова ситуација и битка на повеќе фронтови. Прогноза на ДВ: меѓу првите пет на табелата.
Борусија Дортмунд
Тешка сезона е зад Борусија. Отпуштен тренерот, проблеми со навивачите, терористички напад врз играчите. Новиот тренер Петер Бош треба да донесе континуитет, а можеби на долг рок, и да ја освои титулата. Неговата филозофија е агресивен, напаѓачки фудбал. Прогноза на ДВ: Доколку Пјер Емерик Обамејанг и Марио Геце влезат во форма, Борусија ќе заврши меѓу првите три екипи на табелата.
ФК Келн
За првпат по 25 години, Келн се натпреварува во Европа. Но, сагата околу трансферот на Антони Модест како да ги намали очекувањата за годинава. Како ќе се снајде тимот без својот најдобар стрелец? Сигурност дава тренерот Петер Штогер, но ДВ прогнозира дека тоа ќе биде доволно само за пласман во горниот дел на табелата.
Херта Берлин
Во Херта се возбудени поради пласманот во Евро Лигата, но големо прашање е како тоа ќе се одрази врз формата на тимот во домашното првенство? Без поголеми засилувања во преодниот рок, ДВ предвидува дека на Херта ќе и биде тешко да го повтори минатогодишниот успех: средина на табелата.
Фрајбург
Нивниот европски сон заврши и пред да започне. Фрајбург загуби уште во квалификациите за Лига Европа од словенечкиот Домжале. Сега тренерот Кристијан Штрајх може да се концентрира на домашното првенство и да се надева на нов пласман во Европа. Со оглед на ослабениот тим, тоа ќе биде тешко остварливо. ДВ прогноза: на Фрајбург ќе му биде тешко да го повтори успехот од минатата сезона.
Вердер Бремен
Летово, Вердер го доведе првиот кинески фудбалер: Јунинг Жанг. Но тоа тешко ќе го надомести заминувањето на голманот Феликс Видвалд, капитенот Клеменс Фриц, и напаѓачите Клаудио Пизаро и Серж Гнабри. ДВ прогноза: Вердер ќе има многу проблеми, но барем ќе добие нови навивачи на далечниот Исток.
Борусија Менхенгладбах
Во пресрет на сезоната играчите добија благослов и од Папата. По разочарувачката сезона и деветтото место, годинава треба да биде подобро. Клубот не може финансиски да се натпреварува со Бајерн, Дортмунд и Лајпциг, но има стабилен тим и добар тренер. ДВ прогноза: веројатно нема да стигнат до Лигата на шмпионите, но Лига Европа е реален предизвик.
Ајнтрахт Франкфурт
Минатата сезона почна одлично за Ајнтрахт и во првиот дел од првенството беа во игра и за Лигата на шампионите. Но, пролетниот дел беше комплетно разочарување и покрај пласманот во финалето на Купот. Годинава, аспирациите се место кое води во Европа, но ДВ предвидува дека тоа нема да се случи.
Шалке
Очекувањата и реалноста честопати се на дијаметрално спротивни страни во Шалке. Минатата сезона ја завршија на 10. место- најлош пласман од 1990 години. Тренерот Маркус Вајнцирл беше отпуштен, на негово место дојде Доменико Тедеско- тренер без минута искуство во Бундеслигата. Тоа е петти тренер на Шалке во три сезони. ДВ прогноза: Европа лига.
Бајер Леверкузен
Бајер Леверкузен се одлучи за промени летово. Тренерот Рогер Шмит беше отпуштен, а на негово место дојде Хајко Херлих. На средината на теренот друштво на Ларс Бендер ќе му прави неговиот брат близнак- Свен. Голем број клучни играчи си заминаа. Откако минатата сезона беше обезбеден опстанокот, ДВ прогнозира дека сезонава ги очекува пласман на средината на табелата.
Аугсбург
Колкава е симболиката на оваа фотографија? Дали Аугсбург ќе биде последен во мај? Тимот на Мануел Баум ќе мора да дава сѐ од себе на секој меч за да се избори за опстанок сезонава. ДВ прогноза: тешка борба за опстанок со неизвесен крај.
Хамбург
Хамбург е единствениот клуб кој никогаш не испаднал од првата лига. Но, во последните четири години беше тесно- на двапати клубот се спасуваше во плеј-офот. Што ќе биде годинава? Делува како тимот да е стабилизиран. ДВ прогноза: ќе се спасат од испаѓање.
Волфсбург
Марио Гомез постигна 16 погодоци минатата сезона, па веројатно без него тимот ќе испаднеше во понизок ранг. Сезонава Волфсбург се надева на борба за пласман во европските купови. Но, поради скандалот во главниот спонзор Фолксваген, клубот работи со намален буџет. ДВ прогноза: пласман на средината на табелата.
Мајнц
Мајнц има нов тренер- Сандро Шварц и нов голман- Рене Адлер. Минатата сезона, за малку избегнаа испаѓање, а годинава се надеваат на помирна сезона. ДВ прогноза: Мајнц повторно би можел да биде кандидат за испаѓање од лигата.
Штутгарт
Трикратниот германски првак е повторно во друштво на најдобрите по сезоната во втората лига. Младиот тим доби на искуство со доаѓањето на голманот Рон Роберт Цилер и на дефанзивецот Холгер Бадштубер. ДВ прогноза: не би требало да стравуваат за опстанок.
Хановер
Хановер е на насловните страници од погрешни причини. Бизнисменот Мартин Кинд сака да го преземе мнозинскиот пакет во клубот, а тоа не им се допаѓа на дел од навивачите. Наместо мирна подготовка за тешката сезона, клубот се соочува со протести. ДВ прогноза: премногу хаотично и тешка борба за опстанок.