Бум на мини-пиварници во Лондон
7 јуни 2014Зачинето, со мирис на чад и вкус што долго останува. По малку изгледа како винска проба - но сепак сѐ се врти околу пивото. Оној кој доаѓа во мини пиварница бара нешто посебно, за разлика од едноличната масовна понуда.
„Сите пива имаат посебен вкус и се направени од мали произведувачи. Освен тоа, порадо ги поддржувам локалните претпријатија отколку големите пиварници и работите што тие ги прават. Вкусовите се уникатни и произведени во твојата област“, вели еден посетител.
„Пивото има извонреден вкус. Како да ми е правено по мерка, многу подобро отколку комерцијалните марки“, дополнува една девојка.
„Имаме намера да посетиме шест пиварници. По третата сигурно ќе ни треба некој да не придржува, но ќе го дадеме најдоброто“, најавува еден љубител на мини-пиварниците.
Само до пред неколку години во Лондон имаше неколку пиварници. Сите произведуваа повеќе или помалку слично пиво. Концептот со микро-пиварници е сосема понаков - тука има веќе 50 такви пиварници. Секоја има сопствен рецепт: плодови, билки, зачини, односно она што германскиот закон за чистота никогаш нема да им го дозволи на пиво-производителите. Но, во Велика Британија може да се експериментира.
„За да произведеш перфектно пиво, мора добро да се информираш, да бидеш креативен и чесен кон себе самиот. Квалитетот мора постојано да стои на прво место. Сето друго како обртот или маркетингот не се толку важни. Она што се брои е добар производ“, вели Пол Анспак. Тој ја отвори својата пиварница пред неколку месеци и оттогаш не може да се спаси од нарачки. Пол во меѓувреме испорачува пиво и во ресторани. Неговото пиво содржи нота на ванила, орев и карамела.
„Кај нас доаѓаат искусни, постари конзументи на пиво, но и млади луѓе, кои немаат никакво познавање. Микро-пиварниците привлекуваат широки маси. Луѓето се отворени и сакаат да пробаат нешто ново и на крајот повеќето се задоволни“, подвлекува Пол.
Така во Лондон се развива сцена на млади пиво-производители кои експериментираат со вкусот на пивата и со тоа воодушевуваат сѐ поголем број луѓе.