Бугарските амбиции во големата игра околу гасот
19 јануари 2016Бугарскиот премиер Бојко Борисов на 13 јануари објави детали околу планираната гасоводна клучка, која би требало да ја направи земјата најважно место за развод на гас во Југоисточна и Централна Европа. Со идниот центар за земен гас „Балкан“, кај Варна, Бугарија ќе стане главен надрегионален „транзитен центар за гас“, изјави Борисов.
До планираниот центар за развод на гас кај Варна би требало да доаѓа гас од Русија, Азарбејџан и Туркменистан, како и гас од романски и бугарски резерви. Освен тоа, може да се зема и течен гас од терминалите во соседна Грција, објасни бугарскиот премиер. Експертите во Бугарија, меѓутоа, се на мислење дека се смета главно со гас од Русија. Но, со оглед на тоа што ЕУ инсистира на диверзификација на изворите, Бугарија, барем на хартија, мора да наведе и други можни лиферанти за да си обезбеди поддршка од Европската комисија.
Пари - нема
Идејата дека руски гас може да се складира во Бугарија за потоа да биде лиферуван натаму, нема допирни точки со реалноста, вели економскиот експерт Красен Станчев во разговор за ДВ. „Заобиколувањето на Украина при транспортот на руски гас е многу проблематично за ЕУ. Освен тоа, во моментов ниту рускиот концерн Газпром ниту бугарскиот енергетски холдинг се во состојба да го финансираат проектот. Двете страни не можат да стигнат до неопходните кредити.“
Проблемот да се стигне до кредити на финансискиот пазар, според Станчев, е поврзан со тоа што двата концерна се во тешка финансиска состојба. Освен тоа, меѓународните санкции против Русија му го отежнаа особено пристапот на Газпром до меѓународниот финансиски пазар, додека истовремено ниските цени на нафтата и гасот ги направија ваквите проекти неатрактивни. Заклучокот на Станчев гласи: рамковните услови се тешки и тоа би ги исплашило големите инвеститори.
Стари планови во ново издание
Паралелно со темата гасоводна клучка, во Бугарија се вртат постојано непотврдени информации од владини извори дека Софија планира и повторен почеток на градежните работи околу гасоводот Јужен тек, кој беше прогласен за мртов. Портпарол на руското министерство за енергија ги демантираше ваквите вести. Проектот е запрен и тука се нема ништо променето, изјави портпаролот. И Борисов за ова вопарламентот рече: „Јужен тек“ е историја. Она што денес е на дневен ред е центарот за развод на гас „Балкан“. Во истиот говор, бугарскиот премиер сепак остави малку подотворена вратичка за натамошно градење на Јужен тек. Тој изрази надеж дека Русија би можела да го изгради барем делот од Јужен тек кој оди под море. Тие два цевоводи, со годишен капацитет од по 10 милијарди кубни метри, би можеле да ја полнат гасоводната клучка кај Варна и преку нов гасовод да ја снабдуваат со гас и Европа. Значи, Јужен тек 2.0, во „потенка“ верзија.
Неодредена надеж
Јужен тек беше еден од најголемите енергетски проекти на ЕУ. Подморската траса требаше да почнува на рускиот брег на Црното море и да излезе на копно во близина на бугарскиот град Варна. Гасоводот требаше да почне со работа на почетокот на оваа година. Планирана беше испорака од 63 милијарди кубни метри годишно. Проектот беше запрен од страна на рускиот претседател Владимир Путин, во декември 2014 година. За време на посетата на Турција Путин, заедно со турскиот претседател Ердоган, најави изградба на нов гасовод: Турски тек. Меѓутоа, кога на крајот на 2015 година дојде до тензии меѓу Москва и Анкара, закопан беше и Турски тек.
Едно прашање остана неодговорено: каква намера има Софија со најавите за изградба на гасоводна клучка и со противречните изјави околу Јужен тек?Изгледа дека бугарската влада води стратегија на два колосека, во надеж дека истовремено ќе може да добие руски гас, меѓународни кредити и благослов на Европската комисија за да може да ја изгради како гасоводната клучка, така и мини-варијантата на Јужен тек. Софија планира за балканската гасоводна клучка да се разговара на седницата на бугарско-рускиот одбор за економска соработка на крајот на февруари. Борисов изјави дека Бугарија во моментов се обидува да го направи проектот „приоритет на Европската комисија“. Бугарскиот премиер рече дека е „оптимист“ во врска со проектот.