1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарскиот мит за убавиот живот во социјализмот

Николај Цеков / ЕМФ30 ноември 2014

Каков бил животот за време на социјализмот во Бугарија - поубав или полош од денешниот? Последните социолошки истражувања покажуваат дека голем дел од Бугарите се склони кон идеализирање на комунистичкиот режим.

https://p.dw.com/p/1DoMB
Фотографија: DW/E. Lilov

Истражувањето од 1977 година, направено од извесен бугарски социолог проф. Чавдар Кјуранов, дава основа за заклучок дека социјалната еднаквост во тогашното „развиено социјалистичко општество“ е едноставно утопија. Во групата на најсиромашните жители на тогашна Бугарија се вбројуваат меѓу 80.000 и 100.000 граѓани. Дури, според социјалистичката призма, животот на тие луѓе бил повеќе од мизерен. Немале канализација, ниту водовод. Домовите ги осветлувале со газиени ламби или во најдобар случај со една сијалица. Немале многу мебел, а за електроуреди и не станува збор. Живеле во објекти со земјен под.

Малку подобро живееле луѓето кои се категоризирани во погорната група. Нивниот број е околу 400.000. Тие имале куќи од тули, иако без водовод, канализација, бања и тоалет. Се затоплувале на јаглен и дрва, а поседувале и уред на кој имале еден радио канал, потоа решо, пегла и дури и орман за облека.

Луѓето кои и‘ припаѓале на групата која е степен погоре, пак, имале и работи како каучи, фотелји и тапацирани столови. А во најгорната група се вбројуваат оние кои освен се‘ ова, поседувале и автомобил.

Спомени за НР Бугарија

Доцент Петја Кабакчиева, раководителка на Факултетот по социологија на Софискиот универзитет, е изненадена од промената во оценките на Бугарите за животот во текот на комунистичкиот режим. „Денес голем дел од Бугарите смета дека тогаш имало поголемо спокојство, сигурност, ред, а сега нема. Имало еднаквост, а сега не, имало сигурна работа, добро образование, здравствена нега, а сега нема“, нагласува Кабакчиева, повикувајќи се на резултатите од последното истражување на „Алфа Рисрч“.

Petja Kabakchieva Soziologin aus Bulgarien
Петја КабакчиеваФотографија: BGNES

„Луѓето во Бугарија немале чувство дека нешто зависи од нивниот труд. Тие очекувале од државата да се грижи за се‘, вклучително и за нивниот приход. Во времето на пресвртот истите луѓе велеа: Сега секому според трудот! Но токму тоа очекување не се оствари“, констатира Кабакчиева и додава дека една од основните причини за овие неисполнети копнежи е менталитетот од социјализмот, кој се карактеризира со популарни фрази како: „Тие ме лажат дека ме плаќаат, а јас ги лажам дека работам“. Добро се помнат и други „максими“ на социјализмот, како: „Работи за да јадеш, кради за да имаш“, или „Зошто НР Бугарија е најбогата држава во светот? Затоа што сите крадат, а пак има.“

„За разлика од Полска, каде кон крајот на комунизмот граѓанското општество веќе беше зрело за економските реформи на Балцерович, борбата на бугарското дисидентство се ограничуваше на барања за почитување на основните човекови права, додека претставите за економски развој се добиваа од комунистичката елита“, оценува Кабакчиева и дополнува дека „општонародната“ сопственост во социјализмот била масовно подразбирана како ресурс за лично богатење. Имено, непостоењето на јасна граница меѓу јавно и приватно од времето на социјализмот, подоцна доведе до процут на сивата економија, посочува социологот Кабакчиева.

Според нејзе, последните социолошки истражувања содржат и позитивни сознанија за развојот на бугарското општество. Низа истражувања спроведени во 90-те години на минатиот век, меѓу кои и ценетото Општоевропско истражување на вредностите, покажуваат дека за повеќето Бугари во тоа време социјалната еднаквост била поважна од слободата. „Денес ситуацијата е сосема поинаква - две третини од граѓаните во Бугарија категорично го поставуваат правото на секој да живее слободно пред идејата за социјална еднаквост“, објаснува Петја Кабакчиева.