1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Румен Радев - главен актер или само втора виолина?

Кено Верзек
23 ноември 2021

Реизбраниот бугарски претседател Румен Радев се профилираше како борец против корупцијата. Но, за што всушност тој се залага, не е сосем јасно.

https://p.dw.com/p/43MMg
Bulgariens amtierender Präsident Rumen Radev
Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Бугарија изминатите месеци доживеа многу политички изненадувања, серија избори, нагол подем на нови партии, одбивање од победниците да формираат влада. Но, повторниот избор на 58-годишниот  Румен Радев на претседателската функција со јасно мнозинство, 67% наспроти конкурентот Анастас Герџиков со 32 %, беше очекуван според анкетите.

По  изборната победа  во вториот круг на изборите на викендот, Радев прогласи крај на досегашната политичка ера со бројни корупциски афери и злоупотреба на службената положба и најави нов почеток: Бугарите гласаа за „промени, за крај на корупцијата, на пљачкањето и незаконитоста, за прогон на мафијата од власта. Бугарија излегува од ќорсокакот“, изјави Радев.

Пресвртна точка за Бугарија

Иако претседателската функција во Бугарија е првенствено репрезентативна и не е поврзана со голема моќ, реизборот на Радев навистина претставува пресвртница. Тој на изборите беше поддржуван од новите реформски партии, кои на парламентарните избори на 14 ноември освоија мнозинство, меѓу кои и победничката, летоска формираната партија Продолжуваме со промената. Тие сега планираат коалиција и спроведување решителни правни и антикорупциски реформи, во што Радев најави своја поддршка. 

Се става крај и на долгогодишната војна меѓу претседателот и екс премиерот. Радев беше огорчен противник на Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ, која првично настапи како умерено конзервативна, проевропска партија, но одамна за многу Бугари е синоним за корупција и злоупотреба на функцијата.

„Гласачите на претседателските избори повторно ја испратија истата порака како и при претходните изјаснувања годинава, мнозинството го отфрла досегашниот владин модел под водство на Борисов и сака нешто ново“, вели за Дојче веле Даниел Смилов од Центарот за либерални студии во Софија.

Релативирање на тоталитарното минато

Меѓутоа, прашање е дали  Радев може без задршки да ја репрезентира желбата за промена. Поранешниот борбен пилот порано бил член на Бугарската комунистичка партија, исто како и екс премиерт Борисов, и постојано го релативираше тешкото  тоталитарно минато на Бугарија.  Својата поитичка кариера ја започна во 2016 година со поддршка на Социјалистичката партија, наследничка на комунистите, која одамна се одликува со национализам, хомофобија и симпатии кон рускиот претседател Путин.

Откако  Радев во ноември 2016 година прв пат стана шеф на државата, неговото ривалство со режимот на  Борисов долго имаше привид на партиско ривалство. Тоа се промени лани: во јули 2020 година истражителите извршија претрес на неговото биро. Политички мотивираната акција беше изведена по налог на спорниот генерален обвинител Иван Гечев, чие именување една година претходно Радев безуспешно се обидуваше да го спречи и кој постојано ги блокираше истрагите за корупција.

„Личен развој“

Претресот на канцеларијата на Радев се случи во време кога веќе десетици илјади луѓе во Бугарија со денови  протестираа против режимот на Борисов  и кога настана масовно цивилно движење за реформи. Политикологот Смилов смета дека не била во прашање само калкулација: „Мислам, дека тој тогаш доживеа и личен развој, оттогаш настапува вистински веродостојно како борец против корупцијата, мислам дека тоа вистински го мисли“.

Rumen Georgiew Radew I Staatspräsident Bulgarien I Demonstranten
Бугарскиот претседател Румен Радев на антикорупциските протести во 2020 годинаФотографија: Reuters/S. Nenov

Политичката аналитичарка Весела Чернева од софиското биро на Европскиот совет за надворешни односи, ЕЦФР, за ДВ истакнува дека Радев сега мора да ја докаже својата веродостојност. „Тоа може да го направи со поддршка на реформските закони на новата коалиција, но пред сѐ со симболички гестови, ставајќи се на страна на новата реформска коалиција.“

Контроверзен став кон Русија

Недвојбено најспорната точка во досегашниот мандат на Радев е неговиот став кон Русија. На почетокот на својот мандат, првенствено во странство, го сметаат за проруски настроен. Иако оваа перцепција уште тогаш беше неконкретна, тој постојано провоцираше конфликти со двосмислени изјави за Русија. Во повеќе наврати побара укинување на антируските санкции. Минатата недела, во ТВ дуел со конкурентот Анастас Герџиков, изјави дека мора да постои прагматичен однос кон Русија. Потоа ја формулираше реченицата со сериозни последици: „Крим во моментив е руски, што друго“. Со тоа предизвика не само внатрешнополитичка бура, туку и дипломатска криза со Украина.

Политикологот Чернева смета дека Радев во дебатата ненамерно дозволи да биде навлечен на тенок мраз. Но, независно од тоа, тој застапува во Бугарија широко распространета надворешнополитичка идеја, дека „како мала земја, треба да задржи рамнотежа кон големите геополитички актери“.  Радев во првите години од претседателувањето имаше погрешна проценка како треба да изгледа оваа рамнотежа“. Но, потоа покажа дека тој всушност не е проруски настроен, туку Бугарија останува на нејзиниот трансатлаттски, прозападен курс“, вели Чернева.

Наскоро само втора виолина?

Даниел Смилов гледа избирно тактички причини зад проруските изјави на Радев, тоа што многу Бугари имаат големи симпатии кон Русија, не треба да се поистоветува со согласност со Путин. „Во секој случај, во ставот на Радев кон Русија владее двозначност, тоа е најсомнителниот дел од неговото претседателство“.

Прашање е и каква внатрешнополитичка улога ќе има Радев по реизборот. Во со месеци долгата криза со нејзиниот вакуум во власта, тој е политички актер во Бугарија со најголемо влијание, кое според уставот воопшто го нема. Нејасно е дали ќе се повлече од позицијата на силен и политички многу активен претседател.

Политикологот Весела Чернева вели дека останува под прашалник дали Радев сака да ја инструментализира својата политичка поддршка, која ги надминува рамките на Социјалистите. Даниел Смилов напротив смета дека Радев ќе мора да се повлече. „Не мислам дека лидерите на реформските партии ќе сакаат да ги испуштат од раце своите проекти. Радев ќе мора да се помири со тоа наскоро да биде само втора виолина“.