1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Ограда против бегалците

И.Бедров/ А.Андреев/ А.трајковска10 август 2014

Бугарија изгради заштитна ограда на границата со Турција за да спречи во земјата да влегуваат нелегални бегалци. Во едно мало гранично село луѓето се исмеваат за тоа и сепак профитираат од оградата.

https://p.dw.com/p/1CmL2
Фотографија: DW/Ivan Bedrov

„Откога има ограда не доаѓаат толку многу“, раскажува 33-годишната Николинка Димитрова, од т.н. „сили за безбедност“ во Голем Дервент, село на бугарско-турската граница. Нејзина задача е да се јави на телефонскиот број 112 доколку забележи нешто невообичаено. Во превод тоа значи само едно - да пријави нелегални бегалци.

Од изминатата година тие, луѓе кои страдаат со уморни лица и искината облека, засилено се појавуваат во малото село. Јазикот никој не им го разбира, оти бегалците претежно доаѓаат од Сирија, некои од Авганистан или Ирак. Кога ќе стигнат во селото процедурата е пропишана:гГрадоначалникот ја повикува граничната полиција, потоа бегалците се регистрираат и се носат во бегалски центри.

Три метри висока ограда со бодликава жица

Оградата минува на неколку стотини метри од селото. Таа е новата високо-комплицирана постројка за надгледување со подземни сензори, кои кога ќе регистрираат движење автоматски ги вклучуваат камерите за надгледување. Оградата е висока три метри и долга речиси 30 километри. Од бугарска страна изгледа „нормално“, од турска страна е поставена бодликава жица, која остава впечаток дека е невозможно да се премине оградата.

И покрај тоа, луѓето постојано се обидуваат да преминат преку оградата. „Досега никој не беше успешен. Некои се обидуваат со скали или со стебла кои ги потпираат на оградата. Ние сето тоа го надгледуваме и реагираме соодветно“, раскажува Стојан Стојанов, раководител на регионалната гранична полиција во Елхово. Тој е надлежен за надгледување на копнената граница меѓу Бугарија и Турција, долга вкупно 270 километри. На дванаесет проценти од оваа граница во меѓувреме е поставена ограда, за која бугарската влада плати 4,5 милиони евра.

zum Thema: Bulgarien - Grenzzaun zur Türkei
Стојан Стојанов, шеф на бугарската гранична полицијаФотографија: DW/Ivan Bedrov

„Тие меѓутоа ја пресекуваат оградата и поминуваат. Денеска повторно моравме да ја крпиме оградата, оти постојано ја оштетуваат. За ништо сите пари, за ништо сите милијарди“, вели Николинка Димитрова. Таа не е единствената која има претерана претстава за трошоците. Жителтие велат дека оградата била „страшно скапа“ и веруваат дека сето тоа го платила ЕУ.

20 километри понатаму се наоѓа градот Елхово. Сопственичката на едно кафуле Марија нема добро мислење за оградата. „Тие скокаат преку оградата како мајмуни! Прво фрлаат еден куп гранки преку неа и потоа скокаат врз нив“. Сите овие приказни секогаш се верификуваат преку истиот извор: „Да, зборуваме со луѓето од полицијата.“ Според официјалните податоци, досега никој не успеа да ја мине оградата. „Откако е пуштена оградата драстично опаднаа обидите за минување на границата“, тврди комесарот Стојанов.

Според неговата интерпретација, оградата не постои за да се стопираат бегалците, туку тие да се пренасочуваат кон официјалните премини. Таму можат да се легитимираат и регистрираат и да бидат пренесени во некој од бегалските центри. Од почетокот на годината бугарските власти уапсиле вкупно 1728 нелегални доселеници. Во 2013 година вкупно биле пронајдени 11.500 бегалци.

zum Thema: Bulgarien - Grenzzaun zur Türkei
Местото каде што почнува оградатаФотографија: DW/Ivan Bedrov

Бугарија поради оградата постојано е критикувана во меѓународни рамки. Локалните жители најчесто само се исмеваат со неа. „Јас лично не ја сакам особено“, признава комесарот Стојанов. Но, таа претставува значително растоварување, оти така е подобро распределен притисокот на границата, вели граничниот службеник.

Оградата почнува од ништо и завршува во ништо. Објаснувањето е едноставно: тоа се точно 30 километри, кои од турска страна најдобро се поврзани со уличната мрежа. Исто така и бегалскиот камп во турскиот град Едрене не е далеку.

zum Thema: Bulgarien - Grenzzaun zur Türkei
Голем Дервент: „Место заборавено од господ“Фотографија: DW/Ivan Bedrov

Оградата им го отежнува животот и на шверцерите на луѓе во Турција. Имено, претходно тие едноставно со мали комбиња ги носеа луѓето до границите и ги „истовараа“. „Зимата имавме повеќе од 40 акции, со кои требаше да спасуваат животи. Фала му на Господ што никој не почина. Меѓу нив имаше и бебиња и старци“, се сеќава Стојанов.

„Зошто бегалците ги одбегнуваат официјалните гранични премини?“ прашуваме, а одговорот гласи: „Сосем едноставно. Според правилата на ЕУ бегалците мораат да останат во првата земја на ЕУ на чија територија стапнале и каде ќе бидат регистрирани како баратели на азил. Тоа е тогаш Бугарија. Повеќето од нив меѓутоа сакаат да продолжат да патуваат, значи се обидуваат со сите средства земјата да ја минат нелегално и дури во Западна Европа да се пријават кај властите“.

Малку живот во селото

Жителите на селото Голем Дервент и жителите на Елхово ретко имаат директен контакт со бегалците. Баба Пена, една постара жена од Дервент, дома поканила некои од бегалците. На странците им печела баница, па потоа ја викнала граничната полиција. Кои биле и каде потоа ги одвеле, баба Пена не знае. „Не можат воопшто да се разберат. Тие молчат и ние молчиме.“

За локалните жители бегалците се странци, кои се на пропатување. Во Елхово не се можни контакти оти бегалскиот центар е затворена институција. Затоа жителите овде помалку ги озборуваат странците, отколку на други места во Бугарија. Напротив, изградбата на оградата тука е најголемата инвестиција со години. Со испратените војници и полицајци се наполни и единствениот хотел, а се покачи и обртот на кафулињата и продавниците. „Сега се внесе малку живот. Инаку ова е област заборавена од Господ“, вели Марија со насмевка, додека ги раскрева шолјите кафе.