„Идната влада на Бугарија ќе биде нестабилна“
6 април 2021Идната влада на Бугарија, од кои и партии да биде составена, ќе биде многу компликувана и со тоа - нестабилна, оценува Јохана Дајмел, независна аналитичарка и членка на претседателството на Друштвото за Југоисточна Европа во Германија. Во интервју за ДВ на бугарски јазик, таа, меѓу другото, вели:
„Мислам дека луѓето во најсиромашната земја во Европа (во ЕУ, н.з.) се уморни. Корупција, лошо управување, олигарси и контролирани медиуми се работите кои му даваат печат на секојдневниот живот. Како што гледаме, ова е, како што Иван Крстев тоа добро го формулира, „негативно мнозинство“ кое е против владата, но кое, на крајот на краиштата, не избра нова влада. ГЕРБ има верни избирачи, меѓу другото благодарение на давањето работни места во администрацијата за време на нејзиното владеење. БСП не е алтернатива, таа се уништува себеси. Пред изборите една четвртина од нејзините избирачи изрази скепса околу излегување на избори во време на пандемија, па дел од загубите на БСП може да се објаснат и со тоа. Треба да се каже и дека протестите не се материјализираа вистински и опозицијата нема заедничка стратегија и водечка фигура. Трите протестни партии заедно немаат мнозинство. Демократска Бугарија на Христо Иванов првпат влегува во парламентот. Тоа е успех кој треба да се забележи, но неговата партија досега допира главно до урбаните избирачи, како што тоа го покажува резултатот во Софија, и мора да стане содржински поширока за да допре до широки слоеви на населението.“
Повеќе:
Неизвесноста во Софија ги мати надежите на Скопје
Бугарија: Составувањето влада - „невозможна мисија“
Парламентарни избори во Бугарија: промени или иселување?
Јохана Дајмел нагласува дека е добро што десно радикалните сили во Бугарија загубиле на изборите, а околу можноста земјата по изборите да тргне во нова насока, вели:
„Па, ако на работите гледаме позитивно, тогаш новиот парламент е многу шарен, со седум партии. Протестните партии можат да бидат силен глас во дебатите и да придонесат за парламентот да живне. Повод за грижлива контрола на владата од страна на парламентот, за критика и разјаснување на големите корупциски случаи, има доволно. Последниот извештај на Стејт Департментот за човекови права зборува за големо политичко влијание врз медиумите и врз независноста на правосудството. Европскиот парламент во својата резолуција во октомври 2020 година застана јасно зад протестите. Сето тоа покажува дека се зголемува меѓународниот притисок и дека негативните случувања и феномени во Бугарија се набљудуваат повнимателно. Со тоа би се дало поттик и за ново внатрешнополитичко пренасочување. Можам само да се надевам дека и ЕУ повнимателно ќе гледа кога ќе станува збор на пример за распределбата на 9 милијарди евра од фондовите на Унијата. Кога Брисел конечно јасно ќе постапува против злоупотребите и корупцијата, тоа ќе им биде од помош на опозициските партии, но и на Бугарија генерално. Тука одговорност носиме и ние во ЕУ.“