1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарите го немаат Жељу Желев

8 декември 2020

Во Бугарија недостасува политичко и државничко лидерство и храброста на претседателот Жељу Желев. Дури и да го имаат, сега, откако е посеано семето на злото, ќе беше жигосан како предавник. Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/3mNNS
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Бугарски интелектуалци, историчари, јавни личности, политичари и новинари кои не се согласуваат со ветото кон Македонија и политиката на добососедство на својата влада и државниот врв имаат многу подобри и пообразложени укажувања и решенија, отколку што е тоа случај во Македонија. Нивните критики се повеќе потпрени на аргументи, на филозофијата на добрососедство, на европските, на универзалните демократски принципи и на меѓународното право, конечно и најмногу на Договорот потпишан меѓу двете земји пред две и пол години, а помалку на емоции.

Заеднички именител на сите овие јавни реакции е Бугарија веднаш да го повлече ветото и да ја поддржи искрено интеграцијата на Македонија во европското семејство, без никакви уцени и условувања, без принудување на политичко самоубиство на Македонија. Тоа е, велат, од врвен стратегиски интерес за двете соседни држави. Спроведувањето на Договорот за добрососедство од 1 август 2017 година, пишуваат мислечките луѓе на двете страни, мораше да почне од културната, економската, научната, образовна, здравствена и социјална  грижа, со изградба на регионална инфраструктура, со непречено движење на луѓе и капитал, со спортска, медиумска, со еден збор сестрана интензивна пријателска соработка меѓу двете земји. А, да заврши пред самиот прием на Македонија во редовно членство во ЕУ, веројатно по десетина години, со заеднички учебници по историја, кои нема да ги учат идните генерации Бугари и Македонци на меѓусебна омраза. Тоа не значи менување на историјата, туку примена на јазик кој е примерен на европските искуства и на односите меѓу двете земји во 21 век.

Македонски манифест во партиска платформа

Во Договорот за доброседство стои дека се работи за формирање на мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на паритетна основа. Ако е мултидисциплинарна комисија на експерти тоа подразбира дека таму не треба да членуваат само историчари, туку докажани научници и од помошните историски науки, кои знаат како да се образуваат учениците без да се сее нетрпеливост и омраза уште од школските клупи на денешните генерации Македонци и Бугари. И, се разбира, како да се одбележуваат заеднички, или одделно, сеедно, историските настани и личности. Само така можат да се надминат спорните историски прашања, откако ќе биде отстранета прво недовербата на граѓаните од двете земји, а уште потешко во сопствената јавност во Македонија и во Бугарија.

Сето ова во Бугарија, се кажува од помал број јавни личности на еден јасен јазик со обележје на сериозна критика на бугарската политика, но и со пристојна комуникациска култура. Здравиот разум на Балканите секогаш бил во малцинство, ако е за утеха.

Кај нас, освен ретките исклучоци, реакциите предизвикани од бесмислената блокада за отпочнување на преговорите со ЕУ и поради агресивните навредливи изјави на бугарските политичари главно се потпираат на емоции, нетрпеливост, омраза  и непримерен јазик, дури и кога гласноговорниците се во право и кога историските факти и европските и светските принципи на решавање на балканските спрови се на нивна страна и кога ја имааат поддршката на ЕУ и на меѓународната заедница. Тоа широко ги отвори вратите на лагите и лажните вести, за катаклизмичните сценарија, на манипулациите и шпекулациите и од личности и политичари на одговорни функции и позиции кои јавно признаваат дека не го прочитале Договорот. Нив им се доволни изјавите на политичари и на медиуми, а не обврските за спроведување на ратификуваниот Договор и за точките кои се од државен интерес.

Повторно се крена, големата ѓурултија со откривање на предавници и непријатели главно повеќе насочени за меѓупартиска пресметка на домашната политичка сцена. Поединечните реакции на академици од МАНУ, од УКИМ и од МПЦ, без официјална верификација на надлежните тела на МАНУ и државниот универзитет „Кирил и Методиј“ како македонски манифест, се слеаја во партиска платформа за освојување на власта. Голема е веројатноста дека и тие не ги виделе своите обврски што произлегуваат од Договорот, кои одат во прилог и на науката и на државата.

Други колумни од авторот:

„Викенд на мртовци“ во Македонија

Да си ги признаеме нашите грешки

Добро утро, браќа Бугари!

Поблиску до поништување на Договорот

Апсурдот стаса дотаму што противниците на добрососедство се изедначија во своите ставови и во Бугарија и во Македонија. Гласот на разумот стана одвај видлив и чуен во двете земји. Сега сме многу поблиску до поништување на Договорот за добрососедство, отколку до негова реализација. Прва од Договорот се откажа Бугарија, условувајќи рамка за почеток на преговорите со ЕУ, со дополнителни барања кои излегуваат надвор од Договорот за добрососедство од 2017 година. Огромната штета е направена дури и по некое чудо да се тргне ветото и да почнат преговорите, во што ретко кој верува и во Бугарија и во Македонија.

За последиците, ако Македонија не ги почне преговорите со ЕУ во блиска иднина, за неуспехот на политички, економски, финансиски и егзистенцијален план веќе никој не зборува, а најмалку науката. Дури и кога ќе се појават такви аргументирани укажувања и факти, се доживуваат како очајничко попуштање на бугарските условувања.

Во аут се и меѓународното право и добрите европски практики, што е најлошо - маргинализирани се и поборниците за пријателски односи меѓу двете земји кои не беа малобројни по признавањето на независноста на Македонија од страна на Бугарија пред безмалку 30 години.

Бугарскиот ултиматум е за десет степени по Рихтер посилен од грчкиот, со дополнителниот домашен тектонски партиски удар кој ги сатанизира сите што јавно се залагаа за добрите односи да не бидат оптоварени со ништо, како што доликува меѓу две пријателски земји членки на НАТО и во догледна иднина и на Македонија во ЕУ. На повидок се и медиумските предавања по историја за темите кои нѐ раздвојуваат, а не зближуваат, и од другите соседни земји, како на пример Србија и Албанија. По Грција и Бугарија, ставањето на црните петна на јавна популистичка дебата и со другите комшии ќе нѐ доведе во иста ситуација како со антикоманијата во Македонија поради која ја изгубивме меѓународната поддршка.

Политичарите сами си ги врзуваат рацете

Во Бугарија сосема очигледно недостасува политичко и државничко лидерство и храброста  на претседателот Жељу Желев. Дури и да го имаат, сега, откако е посеано семето на злото, и тој ќе беше жигосан како предавник на националните интерси. Претседателот Жељу Желев ги постави првите темели на добри односи со своите заложби Бугарија да биде прва земја во светот што ќе ја признае независноста на Република Македонија.

По најавата на тогашниот премиер на Турција, Сулејман Демирел, дека турската влада прва ќе ја признае Македонија, бидејќи ако биде 20-та тоа нема да има големо значење, веста која за неколку минути го обиколи светот ја објавив од неговата резиденција и од неговиот телефон со замолница да го прекинеме за момент интервјуто да ја соопштам радосната вест. Таа порака на Демирел, претседателот Жељев го фати во лет и експресно ја стави Бугарија на чело на земјите кои ја прифатија реалноста. Со признавањето на  независноста на државата се признаваат и сите други работи кои денес, по речиси три децении, одново се спорни и ги затрупуваат темелите на демократот Жељу Желев пред да се изгради зградата на пријателството.

Голема е заслугата на бугарскиот претседател Желев и за признавањето на Репблика Македонија од Русија, која уследи по посетата на претседателот Борис Елцин на Бугарија. По негово кажување во МАНУ тој силно се заложил и Русија да ги препознае руските интереси на Балканот. На враќање, при прелетот на македонската територија на авионот на рускиот претседател, велат, стасало и признавањето на Република Македонија.

Во Бугарија се очекуваше, по ваквите потези и по распадот на Југославија, благодарноста во Македонија да се изрази со фрлање во прегратки и прифаќање на историските заблуди од Санстефанска Бугарија, што самото по себе е спротивно на признавањето на самостојноста и независноста на една држава и сето тоа што оди заедно со тој чин, гледано и политички и според меѓународното право, државите сами да си ги уредуваат своите работи.

Не се надевајте на чудо

Лидерската криза во светот е повеќекратна на Балканот. Нема храбри државници затоа што во битките за власт се крева милитантниот национализам и шовинизам на точка на вриење неприфатливо за европските и светските демократски стандарди бидејќи тоа е најлесната работа на политичарите каде фабричкото производство на историја е најголемо по глава на жител. И кога имаат најдобри намери актуелните политичари сами си ги врзуваат рацете решавајќи ги вечните проблеми на корупцијата и организираниот криминал, владеењето на правото со примитивен популизам, со лажен патриотизам  и со божемната одбрана на националните интереси и славното минато, кое го кроеле државните идеологизирани историчари. Од интервенцијата на политиката во науката полошо е само приклучувањето на науката во партиската пропаганда, која денес се случува и во Македонија и во Бугарија.

Што може да се очекува во еден ваков амбиент во двете држави? Ништо добро. Би било големо чудо да дојде бргу до пресврт и да се тргне ветото. Македонија останува на европскиот пат оти нема други алтернативи и никој не ги нуди. Ни науката, ниту релевантните политички партии и државни институции. Но, секое одложување на преговорите и членството во ЕУ ќе се плати скапо. Тоа не може да се компензира само со фактот дека ни се нанесува голема неправда и покрај болните остапки. Не е доволно што Европа признава дека билатералните спорови не можат да бидат пречка за отпочнување на преговорите. Неоходна е многу посилна дипломатска активност на големите западноевроски држави и Америка за флагрантното кршење на европските и универзални принципи кон една мала и мирољубива земја која не претставува опасност за никого и која ги исполни сите услови за почеток на преговорите како ниту една членка на ЕУ од Југоисточна и Централна Европа. Но, сами очигледно не можеме да ги решиме овие притисоци.