1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брутален напад врз опозиционен блогер во Русија

ЖА /ДВ
31 август 2020

Јегор Жуков, млад новинар кој го интервјуираше и опозиционерот Алексеј Навални, е тешко повреден при напад врз него и се наоѓа во болница.

https://p.dw.com/p/3hoEw
Russland | Student Yegor Zhukov verurteilt
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Karpukhin

Активистот и новинар Јегор Жуков, критичар на Кремљ, е тешко повреден во напад врз него. 22-годишникот поради рани на лицето и сомнение за потрес на мозокот е пренесен во болница, како што јави радио Ехо на Москва. Жуков, кој е познат блогер во Русија, работи за ова радио откако државата му го забрани неговиот сопствен видеоканал на интернет. Емисијата на Жуков има голема слушаност, тој меѓу другото го интервјуираше и опозицискиот водач Алексеј Навални, кој по знаците на масивно труење се наоѓа на лекарски третман во болницата Шарите во Берлин.

Тепан и додека лежел на земја

Тимот на Жуков на интернет објави фотографии на повредите здобиени во нападот. Според нив, удирано е во главата на младиот човек и тогаш кога тој веќе лежел на земја.

Според главниот уредник на радиото Ехо на Москва, Алексеј Венедиктов, Жуков поднесол пријава во полиција. Двајца непознати мажи го сочекале активистот по неговата емисија пред неговиот стан и го претепале.

Повеќе:

Навални: ЕУ бара од Москва „независна истрага“

Како блогерот Навални стана најпознат противник на Путин

Путин на пат кон дигитална диктатура

Во Русија постојано се случуваат брутални напади врз неистомислениците на власта, кои ретко бидуваат разјаснети.

Жуков важи за талентиран и екстремно интелигентен политичар и истовремено претставува симболичка фигура на младинското руско протестно движење. Во една прилика тој изјави дека има амбиции некогаш да стане руски претседател, инаку е остар критичар на шефот на Кремљ, Владимир Путин.

Поддршка од студенти, публицисти и свештеници

Жуков, студент на реномираниот елитен универзитет за економија, лани се истакна и при протестите на опозицијата. Суд го осуди поради повик кон екстремизам на три години условна казна и му забрани две години да води сопствени веб-страници на интернет. За време на процесот, за него се зазедоа бројни студенти и публицисти. Дури и 123 руски православни свештеници во отворено писмо побараа анулирање на обвиненијата против младиот активист. Според нив, судската постапка против Жуков била чин на заплашување, тие ги повикаа властите да покажат милост. Радиото Ехо на Москва по судската пресуда го прими Жуков во својата редакција.