Бруно Фернандеш го урна мундијалскиот сон на С. Македонија
29 март 2022Португалија успеа да се пласира на фудбалскиот Мундијал во Катар откако во вторникот во Порто ја совлада репрезентацијата на Северна Македонија со 2:0. Двата гола за Португалците ги постигна Бруно Фернандеш, по еден во обете полувремиња.
Северна Македонија направи чудо со самиот пласман во финалниот натпревар откако ја совлада фаворизираната Италија нагости со 1:0. Сепак, македонските репрезентативци не успеаја да го повторат чудото од Палермо и заслужено беа поразени од Португалија.
Македонските фудбалери добро го почнаа мечот и успеаја неколку пати да се заканат кон португалскиот гол, но тимот предводен од Кристијано Роналдо набрзо ја презеде иницијативата и доминираше на теренот.
Клучниот момент во првото полувреме се случи во 32 минута кога по една грешка на капитенот Стефан Ристовски, Португалците со брза контра го погодија голот на Столе Димитриевски.
Слично беше сценариото и за вториот гол: македонската репрезентација во 65 минута се обидуваше да нападне преку средината на теренот, но загубената топка брзо беше претворена во гол на другата страна на теренот од Фернандеш.
По историскиот прв пласман на Европското првенство минатата година, мундијалскиот сон за македонските репрезентативци заврши на последниот чекор.
На другата страна, 37-годишниот Кристијано Роналдо ќе игра на својот 10 голем фудбалски турнир во репрезентативната кариера која ја започна со настапот на Еуро 2004. Роналдо досега настапил на четири Светски и пет Европски првенства.