Британците велат збогум
24 јуни 2016Европската унија е исправена пред најголемата криза во својата историја. Британците се изјаснија за напуштање на ЕУ. Додуша со тесно мнозиснтво, но „leave“ е „leave“ (заминување, н.з.). Пребројувањето на гласовите во текот на ноќта сѐ појасно ја исцртуваше победата на противниците на ЕУ. Според информациите на Би-Би-Си од раните утрински часови, таборот кој е за брегзит успеал да освои еден милион гласови повеќе отколку оние кои се за останување на земјата во Унијата. Според официјалните податоци, одзивот на референдумот изнесува 72, 2 проценти.
Фунтата паѓа
Резултатите од референдумот имаат во моментов тешко проценливи последици, како за Велика Британија, така и за ЕУ. Британската фунта реагираше со пад на курсот.
Победата на брегзит-таборот значи тежок пораз за британскиот премиер Дејвид Камерон. Тој го предложи одржувањето на референдумот уште во 2013 година, пред сѐ од внатрешнополитички причини - за да ги смири ЕУ-критичарите во сопствените редови. Стратегија, која не донесе посакуван резултат. Камерон лично застана на челот на таборот за останување во ЕУ, но неговата конзервативна партија е длабоко поделена. Дали сега премиерот ќе даде оставка, е нејасно. Тој за претпладнево најави изјава. Шефот на деснопопулистичката партија УКИП, Најџел Фара, кој е застапник за брегзит, од Камерон побара веднаш да се повлече.
Кризни седници на ниво на ЕУ
Во рамките на ЕУ постои загриженост дека сега би можеле да се јават иницијативи за излегување од Унијата и во други земји членки. „Out is out“ предупреди шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер - ако се рече „не“ нема веќе да биде можно враќање назад. Стравот дека брегзит би можел да им даде ветер в грб на националистите и десните популисти во цела Европа, е голем во многу главни градови во ЕУ. Во Брисел денеска ќе се настојува да се прикаже пред сѐ обединетост. Мотото гласи: една земја сака да си оди, но ние сме заедно.