Бриселски пораки за да тргне македонскиот воз
25 март 2011По средбите во ЕУ, македонскиот премиер Никола Груевски го избегна моделот на одговор како што беше случај неодамна, по средбите во Вашингтон - да каже детално што тој рекол во Белата куќа, а без информација што му било порачано од врвот на американската администрација.
Додека шефот на Владата заминуваше на разговори со еврокомесарот за проширување, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, попладнето (24.03) со понуда - избори кон крајот на јуни, ако се верификуваат веќе доближените ставови и решенија од претходните лидерски средби, што ги вклучуваат промените во изборниот законик, партиски набљудувачи на гласачките места, запирање на притисокот врз медимускиот блок околу ТВ А1, рамномерна распределба на средствата за кампања од партиите и владата по сите телевизии, или според системот на најголема гледаност.
Покрај Бранко Црвенковски, и челникот на ДПА Мендух Тачи најави враќање во парламентот, иако речиси цел мандат го бојкотираше. Следува фаза на забрзани промени во законите и финиш на преговорите власт-опозиција. Потоа, во полн парламентарен состав, одлука за самораспуштање. Владата сериозно ќе ја разгледа понудата за компромис од првиот социјалдемократ, регираше од Брисел Антонио Милошоски, шеф на дипломатијата. СДСМ синоќа ги испратил условите и роковникот до Груевски, Ахмети и Селмани.
Пораки до домашното раководство испрати и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој бара да се работи интензивно на реализирање фер избори, слобода на медиумите, реформи на администрацијата и редуцирање на влијанијата врз судството, или Македонија ризикува да заостане на патот кон ЕУ. Филе најавува доаѓање во Скопје, на средба и со шефот на опозицијата.
Спасување на образот
Според професорот Љубомир Фрчковски, близок на СДСМ-таборот и поранешен министер за надворешни работи, пораките се многу јасно читливи:
„Без одговорност на разбирање на пораките од Брисел, нема излез. Во моментот кога притисокот оттаму е најсилен кон двајцата играчи - Црвенковски и Груевски, единствен излез е да се оди на вонредни избори во јуни и на двајцата образот ќе им биде спасен, иако најголемата одговорност за состојбите во кои сме лежи врз власта.“
Наспроти Фрчкоски, друг поранешен шеф на дипломатијата со критики за однесувањето на македонската опозиција. Слободан Чашуле, близок до власта, зборувајќи за опозицијата, за ДВ оценува:
„Едно парламентарно малцинство со само 18 пратеници кои загубија четири едноподруго избори. Ние навистина покажуваме дека имаме проблеми во нашиот политички дијалог, имаме проблеми со една партија која никако не може да сфати дека нивното време помина и дека треба да се реформира. Никаде во парламентарните демократии опозицијата не го одредува или диктира датумот на вонредни избори, но тие сега се неопходни, како што е нужен и дијалог за настанатата криза во Парламентот. Не би било добро избори да се одржат без учество на сите релевантни политички субјекти“, оценува Чашуле кој не верува во можност од политичка одлука на Брисел - Македонија да го загуби кандидатскиот статус за членство во Унијата.
На наредната страница:
Дијалог - што беше тоа?
Спорот за името и неговото решавање биле предмет на дијалог и за кафе-видувањето Груевски-Папандреу, но и на другите средби на македонскиот премиер во седиштето на Унијата.
Домашните експерти предупредуваат дека пораките од меѓународната заедница секогаш тргнуваат со добрата практика на компромиси за стратегиски прашања. Екс-шефот на дипломатијата Денко Малески објаснува:
„Тоа е суштината на дијалогот, но оваа власт не може или не сака да го артикулира компромисот, ни на домашен, ниту на меѓународен план и честопати дејствува на сопствена штета, бидејќи сите ги обединуваат против нив.“
Познатиот новинар Ерол Ризаов, во една своја колумна напиша дека Македонија ќе влезе во ЕУ и НАТО кога на граѓаните ќе им биде се‘ едно. Се разбира, „никој не сака да го смениме името, но во политиката има и правила за прагматичност. Ние изгубивме 5-6 години со кандидатски статус и ни‘ се зканува турскиот синдром на вечен кандидат. Власта не сака да го преземе ризикот на храбра одлука за да направи компромис за името, па и да го смени и затоа сите се предавници, само таа е патриотската сила во земјата“, кажа неодамна за ДВ Ерол Ризаов, еден од основачите на Утрински весник, поранешен главен уредник на „Нова Македонија“.
Тој додава: „Толку време потрошив во пишувањето јалови предупредувања, за сите политички елити, дека не може да ги сакате грчкиот капитал, инвестиции, море, узо, а од соседите да правите непријател, како што не изгледа логично да ги обезличите соседите во зградата под ист покрив, наречена Балкан“ , вели Ризаов.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска