1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел контра нон-пејперот на Јанша: БиХ има иднина во ЕУ

БГ /РТР
13 јули 2021

Европската унија ќе се обиде да ја убеди БиХ дека земјата има иднина во ЕУ, откако претходно нон-пејпер на словенечката влада внесе голема забуна, се наведува во интерен документ кој го објавува агенцијата Ројтерс.

https://p.dw.com/p/3wQAx
Bosnien und Herzegowina | Josep Borrell in Sarajevo
Жозеп Борел со Милорад Додик и Жељко Комшиќ во Сараево. 21 ноември 2020 година. Фотографија: Nihad Ibrahimkadic/AA/picture alliance

Со документот кој го добија претставници на ЕУ во април се предлагаше прекројување на границите по етнички линии на Западниот Балкан во обид да се одблокираат европската иднина и закочените реформи во регионот. Нон-пејперот чиј наводен творец беше словенечкиот премиер Јанез Јанша предизвика бура од негативни реакции во Босна и Херцеговина која се надева на членство во ЕУ и НАТО. 
„ЕУ ја потврдува својата недвосмислена посветеност на перспективата на БиХ во ЕУ како унитарна, обединета и суверена држава“, се наведува во документот на 24 страници подготвен за денешниот состанок на претставници на БиХ со првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел. Во него се бара и спроведување на серија тешки реформи пред БиХ да може да стане кандидат за членство во ЕУ. 
ЕУ досега не го коментираше официјално словенечкиот нон-пејпер, но Јанша остро демантираше дека бил испратен таков документ и ги обвини медиумите за ширење „лажни вести“ чија цел е да се наштети на словенечките напори за интеграција на земјите од Западниот Балкан во ЕУ.
Во неофицијалниот документ се наведуваше дека нерешените национални прашања на Србите, Хрватите и Албанците се пречка за интеграција на регионот во ЕУ и предлагаше нивно надминување со промена на границите и размена на територии. 
Како дополнителна гаранција за БиХ, ЕУ повикува и на изборна реформа на линијата на Дејтонскиот договор од 1995 година. Минатиот месец и НАТО ги поддржа евро-атлантските аспирации на БиХ и повика на итни политички, економски и други реформи согласно Дејтонскиот договор. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема