1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел: Апелите се редат, надежите гаснат

БГ
17 октомври 2019

Ни вечерата на лидерите на ЕУ нема да донесе добри вести за почетокот на преговорите на Скопје со ЕУ. Шансите се топат по секоја нова средба во Брисел, а последна можност е утрешниот втор ден од самитот.

https://p.dw.com/p/3RTIE
Belgien Brüssel EU Gipfel | Emmanuel Macron
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Oikonomou

Пред секој настан: од амбасадорскиот совет во понеделникот, преку состанокот на министрите за надворешни работи во вторникот, до денешниот самит на лидерите на ЕУ; се раздвижуваат надежите за позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ, и по секој од нив, надежта се префрла на следниот. Се намножија и апели и критики од бројни европски политичари насочени воглавно кон Франција и нејзината непопустливост, но и тоа досега се покажа попусто. Во моментов, се очекува вечерата на лидерите на ЕУ на која, според најавите, ќе се отвори темата за проширувањето, односно за одобрување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Но и вечерата, според последната изјава на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск за Телма, нема да донесе поместување.

„Направив се што можев, но нема согласност меѓу земјите членки“, изјави Туск за телевизија „Телма“ вечерва.

Следната, и последна, шанса е утрешното продолжение на самитот, на кој денеска доминираше Брегзит и постигнатиот договор со Обединетото кралство.

Идната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен уште пред почетокот на самитот оцени дека „знаците не се добри“ и не очекува одлука денеска.

„Втората точка на дневен ред е темата за проширувањето. Знаците за жал не се добри и жалам што денес нема да се донесе одлука бидејќи сум цврсто убедена дека и двете држави направија огромни напори за приближување кон европските стандарди и затоа е многу важно да им се даде позитивен сигнал“, изјави Фон дер Лајен.

Германската канцеларка Ангела Меркел утрово во обраќањето до Бундестагот уште еднаш им изрази поддршка на Скопје и Тирана, но и таа порача дека надежите се мали.
Кон хорот поддржувачи денеска се приклучија и бугарскиот и хрватскиот премиер Бојко Борисов и Андреј Пленковиќ.

Меркел: Шансите не се добри

„Северна Македонија според население и територија е колку Софија и каков ризик може да биде? Таа е како мал европски град и не е во ред да си го покажуваме карактерот против нив. Не сум согласен со тоа. Но, многу од големите европски држави имаат внатрешни проблеми и најлесно е да најдеш надворешен непријател на кого ќе ја префрлиш вината“, рече Борисов, оценувајќи дека се прави историска грешка.

Неговиот хрватски колега Пленковиќ беше критичен кон барањето на Франција за измени во методологијата на преговарачкиот процес.
„Ова е прашање на кредибилитет на целиот процес, не може правилата да се менуваат додека се игра натпреварот, не е фер. ’Да’ за расправа, но менување на правилата на игра во тек, ’не’, рече Пленковиќ.

Оној од кого се очекува промена на ставот - францускиот претседател Емануел Макрон- пред почетокот на самитот не го ни спомена проширувањето. Случајно или не, токму денеска францускиот Сенат одлучи да го усвои предлогот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО. Францускиот парламент ќе расправа за ратификацијата за две недели.