Брзата лента на ВМРО-ДПМНЕ
2 ноември 2019Партиската врева најчесто е многу здодевна, но некогаш во неа може да најдете и интересни нешта околу празнотијата на овдешната политика. Како и секоја политика во светот и овдешнава е преполна со лаги, измами, нереални ветувања, подземни игри, неисцрпен популизам и омаловажување, потценување и криминализирање на политичките противници. Иако образецот се чини дека е ист, варијациите се специфични. Македонскиот случај со шокот од француското вето на самитот на европските лидери ја крена фантазијата, па дури и фантазмагоријата, на чудни височини. Власта сѐ уште не го нашла начинот како да се отрезни од овој пораз, кој поткопа огромен дел од нејзините политики и влогови, а опозицијата набрзина се престрои за да се прикаже дека таа е единствена политичка сила која има идеја што да се прави со европската иднина. Во таквото непромислено брзање се прават ужасни фаули кои потоа речиси сигурно се враќаат со неподносливи камати. Можниот почеток на преговорите со ЕУ во последниве десетина дена стана еден од поважните адути во кампањата на опозицијата со ветувања, кои не што се нереални, туку понекогаш се надвор од здраворазумскиот код на македонскиот граѓанин по барањето на Емануел Макрон прво да ѝ дадеме време на ЕУ да се реформира самата за да ги почне подготовките за нашиот прием во нејзините редови.
Најпрво, ужасно пречи кога главните првенци на опозицијата, од нејзиниот лидер па до сите структури надолу (а и во партиските сооопштенија) концептот за брз прием на Македонија во ЕУ да се претставува како „брза трака“. За партијата која се претставува како браник на „македонштината“ српскиот збор „трака“ е навреда за македонскиот јазик, кој го има убавиот збор „лента“. Некому тоа може да му изгледа безначајно во општата неписменост на политичките структури од сите спектри, но не е. Од кога српскиот збор „трака“ е поубав и политички поважен од македонскиот „лента“? Од вчера, од некни? Или од незнаењето на оние што мислат дека дека се вистински оратори или народни трибуни, или од неписменоста кога се пишуваат текстови.
Сега за суштинските политички измами. Или погрешни информации од бриферите кои предизвикуваа погрешни заклучоци. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во колумна за „Независен весник“ на 25 септември го нацрта исходот од европскиот самит на 17 октомври како да ќе биде на масата каде што се одлучува. Се разбира дека тоа беа дел од информациите што стигнувале до партијата, а не дека Николоски ги претставувал како свои ексклузивни вести. Тој само требаше да ги пренесе. Тогаш Николоски го напиша ова:
„Како што стојат денес работите, Македонија е далеку од почеток на преговори со ЕУ оваа година и најоптимистички што може да се очекува е преговори пред преговори, односно нова формула во која пет европски институции поврзани со владеењето на правото да формираат тим кој ќе ги средува состојбите во Македонија во следните една до две години, па дури после тоа, ако е сè во ред, да се почнат преговори. Тоа е еден вид правосуден борд кој би го добила Македонија, затоа што со оваа влада на Заев корупцијата цвета и нема никаква волја ниту институционален капацитет таа да се реши. Затоа е потребно да дојдат луѓе од надвор што ќе ги решаваат проблемите“. Потоа следеа дообјаснувања на Николоски на оваа „информација“ во други медиуми за да се поентира дека ВМРО-ДПМНЕ има кредибилни извори внатре во ЕУ. За негова жал, и уште повеќе на македонските граѓани, се покажаа како целосно неточни – никој во македонската политика (ниту во власта ниту во опозицијата) не веруваше дека блокадата на Макрон ќе биде целосна, а на министерскиот состанок, а потоа на состанокот на европските лидери воопшто не станувало збор за некаков правосуден борд, туку 27 членки се срамеле (како што рече Доналд Туск) или дека била направена историска грешка (како што нагласи Жан-Клод Јункер) за отфрлањето на политиката за проширување кон целиот Западен Балкан. И непримерната еуфорија на властите (особено на премиерот) пред самитот и непроверените информации на опозициските првенци покажаа дека целокупната македонска политичка елита има недоволни информации што се случува во битката за моќ во Брисел и што се случува кога одмаздата може да стане дел од агендата. Драматичната шестчасовна дебата на самитот ја покажа во најгруб смисол познатата дипломатска синтагма – ако не седиш на масата тогаш ќе бидеш дел од менито.
Нова плоча на грамофонот
Само неколку дена подоцна ВМРО-ДПМНЕ стави нова плоча на грамофонот – Македонија по изборите ќе отишла на брзата лента откако тие ќе дојдат на власт и членството во ЕУ било на пушкомет. Александар Николоски, како можен шеф на дипломатијата по можата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, повторно во „Независен весник“, го претстави мастер планот на партијата. Во него нема ни збор за барањата на Макрон за реформирање на процесот на пристапување кон ЕУ, туку сѐ е подредено на изборни ветувања кога можат да се кажуваат разно-разни работи. Па Николоски го напиша ова:
„Нашиот план кој што го подготвуваме и ќе го понудиме во јавноста е во 2020 година да добиеме датум, да почнеме преговори и со една добра стратегија за пет години да ги завршиме за да ја стигнеме 2025 година како една гранична година дадена за Србија и за Црна Гора. Таа е годината во која треба да е следното проширување на ЕУ кое мора да го достигнеме. Тоа со способна влада е возможно“.
Се разбира дека остварувањето на ваков мастер план би бил неверојатна придобивка за Македонија. Но, сосем веројатно, тој е неостварлив за македонското општество. Но може да биде примамлив во изборните ветувања на партијата. Словенечкиот премиер Марјан Шарец, во интервју за емисијата „360 степени“ на Алсат по трауматичниот самит изјави дека работите, за наша жал, ќе бидат многу потешки во наредната година или пoвеќе и дека она што го слушал на состанокот со неговите европски колеги навестува долга европска зима. Кој знае, можеби Шарец, како добар македонски пријател, се измамил во проценките, а вмровските првенци имаат таен план кој ќе ги пробие по брза постапка сите затворени врати.
Николоски како брза извидувачка коњица ги нацрта грубите изохипси на вмровската географија, за потоа во согласност со партиската стратегија на работите требаше да им даде лидерска тежина Христијан Мицкоски. Па на неговата средба со италијанскиот амбасадор Карло Ромео (неколку дена пред Зоран Заев да замине во Рим на разговори со премиерот Џузепе Конте, кој беше гневен на француското вето) тој му рекол, според партиското соопштение, дека „ВМРО-ДПМНЕ има план и знае како да ја стави државата на брза лента кон Европската Унија“.
Каква е таа брза лента досега не е соопштено. Но затоа во секое соопштение од средби на вмровските првенци со важни европски личности се наведува дека Македонија е заглавена во криминал и корупција, дека владата е неспособна, дека не знае да спроведува реформи, дека судството било под политички чекан – едноставно, дека ништо не чини во државата, но дека поради интересите на граѓаните за нивната европска иднина треба да добие датум за преговори. Ако ништо не чини како Македонија да добие датум за преговори? Едно со друго не оди. Но да причекаме, можеби ВМРО-ДПМНЕ ќе ја открие траекторијата на таа брза лента. Можеби сите ние гледаме а не можеме да ја видиме. Можеби таа траекторија е во проблематизирањето на Преспанскиот договор (па и неговото можно укинување) и „прашањето на самоопределување“. Како што Мицкоски пред некој ден изјави: „Да ја ставиме државата откако ќе се формира новата влада на ВМРО-ДПМНЕ на една брза трака, Македонија да биде дел од Европската Унија и по правото на самоопределување да го поставиме прашањето“ (според сооопштението на партијата).
Мицкоски брзата лента му ја сооопштил и на високиот американски дипломат Метју Палмер. Но една друга работа во партиското соопштение за нивната средба е позабележлива. Во него, освен значењето на стратешкото партнерство со САД не се споменува членството во НАТО, кое треба да се случи во наредните месеци. Америка е главниот покровител на членството на Македонија во НАТО и без сомнение наш најискрен и најдобар пријател и изоставањето на Алијансата од соопштението е во најмала рака непримерно. Можеби ВМРО-ДПМНЕ не сака да признае дека Преспанскиот договор е тој што ја однесе земјата во Алијансата, но со тоа не се постигнува ништо, дури и се потценува американскиот голем напор за неговото склучување. Но така е кога живееш во сенките.
Идеолошка конфузија
Уште една друга работа. ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време се радикализира и се приближува кон политичката филозофија на крајната десница во Европа, иако е член на класичната конзервативна Европска народна партија. Односите со Фидес на Виктор Орбан (нејзиното членство е замрзнато во ЕПП) ја поминуваат границата на братски релации, веќе почнуваат да се претопуваат во целосна идеолошка блискост. Сега дојде на ред да се зачекори на таа илиберална трансверзала кон Рим. Потпретседателот Александар Николоски недамна беше во Италија на состанокот на Центристичката демократска интернационала (ЦДИ). Тој како како дел од делегацијата на ЦДИ се сретнал со кардиналот Пиетро Парoлин, државен секретар на Ватикан. (ВМРО-ДПМНЕ вели дека лани биле примени во членството на оваа светска централно-десничарска организација, но на официјалната веб-страница на ЦДИ никаде не може да се најде таков податок. Таму пишува дека немаат ниеден член од Mакедонија.)
Други колумни од авторот:
Одмаздата и казната во ЕУ... и Македонија
Илибералниот свет на ВМРО-ДПМНЕ
Според партиските соопштенија Николоски нашол време меѓу сите други од делегацијата на ЦДИ да му расправа на Паролин за „теророт“ на Заев и за колапсот на Македонија. И уште во ватиканските одаи, каде сега командува еден нагласено левичарски папа, да елаборира како „светот е нападнат од левичарскиот поглед на светот“. Невнимателна експликација поради драматични идеолошки разлики? Можеби. Или едноставно погрешна проценка и на местото и на ситуацијата.
Но средбата со двајцата италијански сенатори, Масимо Кандура и Емануелe Пелегрини, не се погрешна проценка. Тоа е е дел од заминувањето кон крајната десница на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата сенатори се членови на Лега, партијата на шампионот на крајната десница Матео Салвини, од кого со сите сили настојуваат да се дистанцираат партиите од ЕПП. Освен Фидес на Орбан. Николoски не нашол време да се сретне со претставници на класичната десничарска партија Форца Италија на Силвио Берлускони (сестринска партија од ЕПП). Според зборовите на Николски двете партии (ВМРО-ДПМНЕ и Лега) ќе ја унапредуваат соработката, „се договоривме во брзо време да имаме средба на високо ниво“. И во една крстоносна политичка оценка тој ја даде оваа пресуда: „Разговаравме за нарушениот систем на вредности секаде каде што владеат левичарите, за уништувањето на економијата и за корупцијата. Зоран Заев е копија на сите оние левичари коишто владеат низ светот“.
Вакви оценки досега не се слушнале од мејнстрим политичарите во ВМРО-ДПМНЕ. Досега имаше поголем респект за идеологијата на политичкиот ривал, сега левичарството се изедначува со некаква ѓаволска политика. Чудно да ти имало толку уништени општества во Европа каде што сега на власт е левицата – во Шведска, Финска, Данска, Шпанија, Португалија, Словачка, Италија, Малта. И во Германија се дел од коалициската влада. И премиерите во сите тие држави да ти биле „шејтани“.
Ова е сериозно иделошко прашање – знае ли ВМРО-ДПМНЕ дека патот по којшто тргнала ќе ги отуѓи од главните мејнстрим европски десничарски партии. И дали воопшто има идеологија во концептот што го развива ова раководство, или само огромна нестрпливост што е можно побрзо да се дојде на власт. За вмровското раководство настаните може да се покажат неочекувани – од декември на чело на Европската народна партија треба да дојде Доналд Туск, човекот кој е ужасно алергичен од илебералните политики во Унгарија и Полска, на пример. И кој не сака да му се споменува Салвини. А нашиве вмровци сега ќе градат многу блиски односи токму со Салвини. Идеолошки расчекор? Кој знае. Можеби повеќе идеолошка конфузија.