Брегзит ќе доминира во британската политика и во 2017.
7 јануари 2017Британскиот референдум од јуни 2016. година на кој беше изгласано напуштање на ЕУ отвори долг и несигурен процес кој ќе доминира на политичката агенда годинава. На почетокот на јануари, британскиот Врховен суд треба да одлучи за тоа кој има право да го активира Членот 50- владата или парламентот. Независно од одлуката, консензусот е дека тоа ќе се случи.
„Членот 50 ќе биде активиран“, вели Џејмс Спрул, директор на британскиот Институт на директори. „Актуелната битка околу Врховниот суд е бура во чаша вода“.
Ко-директорот на Отворена Британија, Џејмс Мекгрори се согласува дека во март 2017. неизбежно ќе започнат преговорите за напуштање, но во истовреме забележува дека остануваат многу неодговорени прашања.
„Се уште не знаеме што сака британската влада од Брегзит. Ќе мораат да дадат повеќе детали“, вели Мекгрори.
Но Дејвид Финимор, професор на Универзитетот во Белфаст ,е скептичен во однос на степенот на прецизни детали кои владата ќе сака да ги открие во јавност.
„Британската влада досега не сакаше да каже ништо конкретно за своите планови и веќе најави дека сака да одбегне соопштување детали од страв дека тоа ќе ја заслабне нејзината преговарачка позиција“, вели Финимор.
Инфлација и намален раст
Меѓу граѓаните, чувствата се измешани во однос на Брегзит. Газ Еванс, филмски работник од Ливерпул очекува неговата финансиска состојба „да станува сѐ потешка“. Веќе прави планови да ја напушти Британија.
Вирџинија Фонтанеда, шпанска државјанка која живее во Велика Британија веќе две години, планира да остане, и покрај очекувањата дека цените ќе растат. Нејзината проценка наоѓа поддршка и во анализите на Бирото за буџетска одговорност (ОБР), владиниот независен прогнозер на растот. Во последниот извештај од ноември 2016., ОБР предвиде зголемена инфлација од 1,6 на 2,3 отсто и намалување на стапката на раст на БДП од 2,2 на 1,4 проценти.
Мекгрори вели дека не само ОБР, туку и сите други анализи упатуваа на тешка година со „намален раст, повисока инфлација и поголемо задолжување“ поради Брегзит.Најголемиот краткорочен удар го доживеа вредноста на фунтата, која падна на најниското ниво во однос на доларот во последните 30 години.
Но, некои експерти не се согласуваат со проценките на ОБР за 2017. година.
Фунтата веќе зајакна наспроти проценките на ОБР“, вели Рајан Борн, член на Економистите за Брегзит. „Предвидувањата за раст на ОБР почива на слични претпоставки како и оние на Министерството за финансии кои се покажаа неточни во пост-Брегзит периодот“.
Поглед од берберницата
Џек Б, е бербер од Њукасл, и целиот ден го минува во разговор со луѓе. Тоа му дава добро чувство за трендовите и расположението меѓу граѓаните. Џек верува дека двата најзначајни настани во 2017. ќе бидат Трамп и Брегзит. Коренот на обата го идентификува во истиот феномен: прекинот на културата на продуктивна дебата, нешто што не верува дека ќе се подобри годинава.
„Чувствувам дека луѓето се двоумат што смеат да ми кажат мене, а што на други луѓе“, објаснува тој. „Загрижени се од предрасуди- дали јас ќе им судам. Не се слушаме доволно и нема атмосфера за дебата- затоа се случија тие две нешта: Трамп и Брегзит“. Иако Џек „потајно се надева“ дека нема да се остварат најцрните сценарија во врска со Трамп, претчувството за најдобрите можни сценарија во 2017. и натаму не е многу оптимистичко.
„Искрено, не мислам дека иднината изгледа добро, без разлика од која страна гледате“, вели тој. „Тоа доаѓа од мојата лична недоверба кон настаните“. Џек верува дека Велика Британија ќе остане важен меѓународен фактор, но развојот на настаните сепак нема да го следи во татковината. Наскоро се сели во Австралија заедно со својата девојка.