Бран критики по новиот севернокорејски ракетен тест
29 ноември 2017На барање на САД, Јапонија и Јужна Кореја, денеска Советот за безбедност на ОН во Њујорк ќе одржи итна седница по најновиот ракетен тест на Северна Кореја.
Режимот во Пјонгјанг, првпат по пауза од два и пол месеци, повторно истрела балистичка ракета, а според првите сознанија станува збор за ракета со долг дострел. Како што јавува јужнокорејската новинска агенција Јонхап, ракетата била стартувана од провинцијата Јужен Пјонган и според информации од Пентагон, завршила во морето на околу илјада километри од источниот брег на Северна Кореја. Пјонгјанг пак соопшти дека тестот на ракетата од типот Хвасонг-15 било успешен и со своите ракети сега ги има на дофат целосно САД.
Експертите меѓутоа се сомневаат во успешноста на последниот обид, со оглед на тоа што траекторијата на ракетата била релативно кратка, а интерконтиненталните ракети обично достигаат до далечина од преку 5.000 километри.
Американскиот претседател Доналд Трамп во првичната реакција изјави: „Ќе се погрижиме за ова“, но без додавање натамошни закани. Американскиот министер за надворешни работи Рекс Тилерсон ја осуди ракетната проба и ги повика сите нации на спроведување остри економски санкции против раководството во Пјонгјанг.
И ЕУ и НАТО изрекоа зборови на остра осуда. „Ова е натамошно кршење на бројните резолуции на Советот за безбедност на ОН и претставува закана за регионалната и меѓународната безбедност. Северна Кореја мора се врати во веродостоен и содржински дијалог со меѓународната заедница“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Портпаролка на ЕУ-претставничката за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, го критикуваше потегот на Северна Кореја како неприфатливо повредување на меѓународните обврски. „Ракетниот тест е огромна провокација и сериозна опасност за меѓународната сигурност.“
Кон критиките се придружи и Кина, опоменувајќи ја Северна Кореја да се придржува на заклучоците на Советот за безбедност на ОН.
Во последните месеци тензиите во регионот на Корејскиот Полуостров забележаа значително зголемување, како последица на серијата ракетни тестови од страна на Северна Кореја и една атомска проба во септември.