1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босанските муслимани против радикалните салафисти

Мехмед Смајиќ/ Жана Ацеска12 ноември 2014

Имиџот на исламот во светот никогаш не бил полош. По судирот меѓу хулиганите и полицијата во Келн, неодамна повеќе илјади муслимани во Германија демонстрираа против омраза и насилство, меѓу нив и босанските.

https://p.dw.com/p/1DliV
Фотографија: DW/S. Dege

Муслиманите во Германија се оградија од оние кои убиваат и вршат насилства во име на Алах. Муслиманите од БиХ кои живеат тука се придружија на акцијата.

„Исламската заедница на Бошњаците во Германија го пренесува исламското учење и подучува на основните исламски принципи, како и правилно разбирање на верата, првенствено преку верско образование на децата, но и мерки на образование на возрасните“, вели Един Атлагиќ, претседател на Исламската заедница на Бошњаците во Германија.

Професор Мустафа Хаџиќ, имам во џематот Бон и втор потпретседател во Централниот совет на муслиманите во Германија, истакнува:

„Мислам дека денешните милитантни неосалафисти не се ни салафисти, ни вахабисти, тие припаѓаат под класичниот исламски поим хариџии (буквално, оние кои се отцепиле)“.

„Некоректно е и многу површно поврзувањето на исламот со насилство, тероризам и екстремизам. Изворите на исламот на ниедна страница и во ниеден ред не повикуваат на зло, насилство и терор, напротив. Ние во Исламската заедница, но и муслиманите воопшто, малку сме уморни правдајќи се за туѓи гревови и туѓи зла“, вели Атлагиќ.

Муслиманите во Германија и во Европа многу би можеле да научат од босанскохерцеговските муслимани, изјави професор д-р Булент Укар, шеф на катедрата за исламска религиска педагогија на Универзиттеот во Оснабрик во едно интервју за Дојче веле, појаснувајќи:

Aktionstag der deutschen Muslime 19.9.2014 Muslime gegen Hass
Од терористичките напади на 11 септември 2001 година, многумина ги поврзуваат муслиманите со екстремизамФотографија: Reuters/Hannibal

„Автентичната исламска теологија, која се применува во БиХ, е најдобар пример на она што ни треба во Германија. Мислам дека во БиХ се автентични муслиманите и исламската теологија која ја почитува традицијата и демократијата. На таков начин мора да се развива и исламската теологија во Германија“.

„Бошњаците како автохтони европски муслимани врз основа на своето 600-годишно искуство во мултикултурен и мултирелигиозен соживот, повеќе со своите дела во базата, отколку со теоретски политички настапи во медиумите и различни форуми, докажуваат дека исламот е вера на мир и соживот. Неспорно е дека има муслимани склони кон екстремизам и насилство, како и кај припадниците на другите религии и идеолошки правци, но тие се малцинство. Мислам дека мнозинството муслимани мора почесто и посилно да го крева гласот против насилството, геноцидот и варварството во име на исламот и муслиманите“, вели професор Хаџиќ, асистент и докторант во Центарот за исламска теологија на Универзитетот во Минстер.

Според зборовите на Един Атлагиќ, апсолутно мнозинство на муслиманите на различни начини даваат придонес кон пошироката општествена заедница.

„Во оваа држава живеат неколку милиони муслимани. Тие првенствено се лојални и вредни граѓани, вработени, даночни обврзници, студенти и ученици, одговорни родители кои водат сметка за воспитувањето и образованието на своите деца. На таков начин тие себе си и на децата им обезбедуваат перспектива и придонесуваат кон просперитетот на општеството. Тој факт за жал често се потиснува“, вели Атлагиќ.

Хаџиќ наведува: „Ако обликуваме профил на радикален салафист, ќе видиме дека во 99 проценти од случаите се работи за лица кои не минале процес на исламска едукација низ официјалните институции на Исламската заедница, без оглед дали се работи за матични муслимански земји или за нашата дијаспора“.

Експертите го истакнуваат значењето на образованието во радикализацијата на муслиманите, посебно младите. Недостигот од образование води до тешка социјално-економска положба и недоволно перспективи, поради што личности од ова милје често се лесен плен за екстремистичките организации и сомнителни мисионери.

Edin Atlagic, Vorstandsvorsitzender der Islamischen Gemeinschaft der Bosniaken in Deutschland
Един АтлагиќФотографија: privat

„Исламската заедница на Бошњаците во Германија е свесна за својата одговорност и одлучна е благовремено да се дистанцира од секоја активност спротивна на правниот поредок во Германија, која не‘ загрозува и нас самите“, вели Атлагиќ, наведувајќи дека ни џематот на неговата организација не се имуни на обиди на разни радикални групи тука да пуштат корени.

„Успешно се соочувавме со такви појави. Во тек се процеси на натамошно јакнење на организациската структура и подобра интеграција на нашата организација во Германија, што сигурно ќе понуди уште поквалитетни превентивни механизми по овие и други прашања“, вели Атлагиќ. Професор Хаџиќ истакнува дека имамите со сила на аргументите на цивилизиран начин ги осуетиле таквите обиди, укажувајќи и на нешто друго:

„Морам да бидам искрен и да истакнам дека соработката со властите има само формален карактер, дека нема доволно искрени намери и подготвеност муслиманите и исламските заедници да се прифатат како партнери во наоѓањето решенија за актуелните предизвици и проблеми. Нас често не‘ користат како ’брош’ кој само по потреба се става на облеката“, вели Хаџиќ.