1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босански салафисти во „света војна“ во Сирија

Зоран Арбутина / Елизабета М. Фиданоска31 јануари 2014

Многу салафисти од БиХ се борат во Сирија. Притоа, ригидната интерпретација на Коранот не е вкоренета во босанско-херцеговската традиција на исламот. Особена загриженост предизвикуваат радикализираните повратници.

https://p.dw.com/p/1AzZb
Фотографија: AP

Сликите се вознемирувачки - тројца вооружени мажи седат во импровизирано засолниште, заштитени од сонцето, чии зраци паѓаат врз каменестата околина во позадина. Двајца се маскирани, им се гледаат само очите. Третиот нема маска, неговиот лик е заматен на снимката. В скут имаат калашњикови и книги на Коранот. Портпаролот ги кани младите Босанци да му се „приклучат на џихадот на Алаховиот пат во Сирија“, затоа што таму, како што тврди, се злоставувале муслимани и се силувале муслимански жени. Не може да се остане само посматрач, вели портпарлот на чист босански јазик.

Во босанско-херцеговските медиуми веќе со месеци кружат извештаи за салафисти доброволци, значи за радикални муслимани од БиХ кои заминуваат во Сирија за да се борат во, како што ја нарекуваат тие, „светата војна“.

Der Koran
Ригидна и конзервативна интерпретација на Коранот не е вкоренета во БиХФотографија: dapd

„Тајните служби зборуваат за 100 до 150 салафисти од Босна и Херцеговина кои се заминати во Сирија, од кои досега загинале 10 до 15 лица“, вели новинарот и познавач на сцената Есад Хеќимовиќ. Вкупниот број радикални муслимани од Западен Балкан кои се заминати во оваа војна е многу повисок. Според медиумски извештаи, кои се повикуваат на информации од тајните служби, до септември минатата година во Сирија имало најмалку уште 140 салафисти од Косово, Албанија, Македонија, Црна Гора и Санџак.

Радикализација преку војна

Притоа, ригидна и конзервативна интерпретација на Коранот, типична за салафизмот или вахабизмот, не е вкоренета во босанско-херцеговската традиција на исламот. Босанските муслимани, Бошњаците, се во мнозинство сунити и му припаѓаат на ханафискиот мезхеб, правна школа во исламот која важи за особено отворена и на која се гледа како на особено подготвена на дијалог. Тие важат за либерални, толерантни и софистицирани. Хеќимовиќ нагласува дека тоа е така и поради тоа што во земјата „има долга традиција на соживот во заедничка држава со православните и католичките христијани“. Во Босна и Херцеговина со векови има и Евреи. „Затоа овде исламот поинаку се интерпретира отколку во земји каде муслиманите се во апсолутни мнозинство“, објаснува Хеќимовиќ. Специфично за Босна и Херцеговина е и поинаквата организациска структура на муслиманите. Тие се организирани во единствена Исламска заедница на Босна и Херцеговина (ИЗ БИХ) со поглавар кој се бира секои седум години.

Gläubige Bosnische Islamische Kulturgemeinschaft Gazi Husrevbeg Köln Archiv 2010
Денес делови од населението слават некои празници кои порано не се славеаФотографија: DW/M. Smajic

Со војната во БиХ, на почетокот на 1990-тите, дојде до нов развој на состојбите. Кај дел од Бошњаците почна процес на радикализација. Истовремено, почнаа да доаѓаат и фундаменталистички муслимани од странство, често од арапските земји. „Тоа од една страна беа борци, доаѓаа да помогнат за одбрана на муслиманите. Од друга страна, имаше и соработници на различни хуманитарни организации или на дипломатски претставништва и културни фондации“, вели Игор Табак, експерт за безбедност на хрватскиот портал Obris.org. Тие со себе донесоа поинакви гледања на исламот и нив ги ширеа, понекогаш и многу офанзивно и агресивно.

Промени во општеството

Во тој период околу 2.000 борци од различни арапски земји дојдоа во Босна, меѓу нив и такви кои имаа врски со Осама бин Ладен. По склучувањето на Дејтонскиот мировен договор, зимата 1995 година, дел од овие исламисти решија да останат во БиХ и добија босански пасоши. Тие регрутираа млади луѓе за религиозен подмладок, со помош на саудиски фондации градеа нови џамии и се посветија на ширење на вахабистичкиот правец на исламот.

Табак вели дека таквиот ангажман донесе и плодови, зашто во меѓувреме има културна промена на општеството на БиХ. Така денес делови од населението слават некои празници кои порано не се славеа, а на улиците често има и жени со хиџаб, значи целосно покриени, што порано не беше вообичаено. Религијата е сѐ поприсутна во секојдневието. „Сите овие промени покажуваат дека тежиштето на радикалниот ислам во БиХ е преместено од странците кон домашното население.“

Opferfest Bajram in Bosnien und Herzegowina
Салафистите се бореа за доминација во џамиитеФотографија: DW

Радикалните групи на салафистите особено во годините по војната се обидуваа да остварат влијание врз официјалната Исламска заедница. Тие сакаа да доминираат во одредени џамии и да донесат оџи кои ќе го претставуваат своето строго интерпретирање на исламот како „единствено исправно“. По повеќе конфликти, во кои Исламската заендица доби помош и од државата, салафистите ги напуштија овие џамии. На тој начин беше намалено нивното директно влијание во јавноста, но со тоа се затворија и патиштата за комуникација, нагласува Хаќимовиќ. „Радикалните групи од каде што се регрутираат доброволци за борба во Сирија, немаат веќе никаков контакт со Исламската заедница.“ Таа е против заминување во војна во Сирија и е на мислење дека воопшто не станува збор за верска света војна, туку за политички конфликт. Со тоа „исламската заедница стана непријателска институција за салафистите“, вели Хаќимовиќ, додавајќи дека салафистите веќе „не одат во џамиите на Исламската заедница, што претставува безбедносен проблем“.

Опасни повратници

Особено голема закана за безбедноста во БиХ, но и за целиот регион на Западен Балкан, се оние салафисти кои се враќат од војната во Сирија. Тие се обучени за борба, идеолошки се уште повеќе радикализирани и се меѓународно подобро поврзани од претходно, нагласува експертот за безбедност Игор Табак. „Може да се каже дека луѓето кои ја преживуваат оваа војна, се враќаат поекстремни и поопасни отколку што биле.“

Deutschland Islamisten-Demo in Frankfurt Salafisten Verschleierte Frauen
Целосно покриени жени има често на босанските улициФотографија: picture-alliance/dpa

Тоа е проблем за Западниот Балкан. „Има стравувања дека повратниците може да формират терористички групи, кои потоа би напаѓале одделни политичари или критички новинари“, предупредува аналитичарот Хаќимовиќ, кој лично бил мета на екстремистите. Но и во европски рамки проблемот е „сериозен и реален“ и многу тешко може да се „надмине“, вели Табак. Според него, сфатливо е што безбедносните власти во ЕУ се многу загрижени поради тоа, но проблемот не може да се реши ако околу земјите на Западен Балкан се формира нешто како безбедносна зона. Зашто, значително повеќе салафисти и милитантни исламисти има во земјите на Западна Европа, отколку во БиХ или земјите со кои таа граничи.