Борисов: „Подготвени сме за продолжување на разговорите“
18 ноември 2020„Бугарија најмногу сакаше нашите соседи од Република Северна Македонија, како и нашите пријатели од целиот Западен Балкан да влезат во ЕУ", изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов на денешната седница на бугарската влада. Според соопштението од кабинетот на Борисов, кое го пренесува агенцијата БТА, бугарскиот премиер потсетил дека токму Бугарија решително ја поддржала соседната земја за нејзино членство во НАТО.
„Бевме исклучително добронамерни, загрижени и во разговорите што ги водевме со нив, многу внимателно им објаснивме до каде можат да одат нашите компромиси", рекол премиерот.
Борисов потсетил дека е формирана заедничка историска комисија, во рамките на која експертите ќе ги решаваат спорните прашања со прецизни аргументи и посочил дека биле водени десетици разговори, вклучително и со учество на вицепремиерите Захариева и Каракачанов, во потрага по компромиси, „за Бугарија да не биде земјата што ќе каже 'не' за почеток на преговорите сега".
Бугарскиот премиер изразил жалење што во Скопје „не покажале посветеност", сметајќи дека „со притисок и лобирање" можат да ја натераат Бугарија да ја промени својата позиција.
„Нашата позиција не е позиција на тврдоглавост, или позиција да ги запреме нашите најблиски пријатели", рекол премиерот. Според него, бугарската позиција е „принципиелна и ги одразува очекувањата на сите бугарски граѓани": „Подготвени сме да ги продолжиме разговорите", додал Борисов, нагласувајќи го спроведувањето на Договорот за соседство.
Бугарскиот премиер на седницата на владата, како што се вели на крајот, „остро се спротивставил на употребата на антибугарската реторика".
Каракачанов: Колегите од Скопје се однесуваа како Бугарија да е кандидат, а не тие
Во меѓувреме, во текот на сослушувањето во бугарскиот парламент за позицијата на Бугарија во рамките на преговарачката рамка за пристапување, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов рече дека имал впечаток „дека за време на разговорите, колегите од Скопје се однесуваа како Бугарија да е кандидат, а не тие".
Тој оцени дека „Скопје можеби мислело оти ЕУ е како Советскиот сојуз": „Така, тие се потпреа на некој во ЕУ да изврши притисок врз Бугарија и да ја натера да се повлече." Според Каракачанов, „не беше извршен притисок врз Бугарија во формата што тие ја замислуваат".