1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бомбашки напад врз џамија и конгресен центар во Дрезден

Ж.А. /агенции
27 септември 2016

По двата атентати со експлозив кои се случија кратко еден по друг во Дрезден, полицијата претпоставува дека мотивот е ксенофобија. Нема повредени лица, истрагата е во тек.

https://p.dw.com/p/2Qd4W
Deutschland Sprengstoffanschläge in Dresden
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

Во Дрезден пред џамија и пред меѓународниот Конгресен центар се извршени напади со експлозив. Како што соопшти полицијата во саксонскиот главен град, нема повредени. „Иако никој досега не ја презеде одговорноста, сметаме дека станува збор за дело со ксенофобична заднина. Истовремено, можно е делото да е поврзано со свеченостите по повод претстојниот Ден на германското обединување“, изјави шефот на дрезденската полиција, Хорст Кречман.

Deutschland Internationales Congresscenter ICC Dresden
Конгресниот центар во ДрезденФотографија: Imago/Hanke

Рачно направени бомби

Полицијата била информирана за две детонации синоќа кратко пред и кратко по 22 часот. На местото на детонациите полицијата пронашла остатоци од рачно направени бомби. Во џамијата во моментот на експлозијата се наоѓал имамот со својата жена и двете деца. Под притисокот на експлозијата, влезната врата била разнесена навнатре, а зградата се наполнила со чад.

Во близината на Конгресниот центар била извршена евакуација на еден хотелски бар. На местото на детонацијата, на терасата меѓу хотелот и Конгресниот центар, истражителите исто така откриле остатоци од рачно направена експлозивна направа. Од жештината и силината на ударот е оштетена стаклената фасада, а на двата објекта е предизвикана материјална штета, околу чија висина се‘уште нема никакви податоци.

Осуда на нападите

Покраинскиот премиер на Саксонија Станислав Тилих најостро го осуди нападот врз џамијата како кукавички. „Ова не е само напад врз верската слобода и вредностите на отворено општество, туку овде свесно била земена во предвид и смртта на луѓето кои живеат во џамијата“, изјави тој. Сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие изрази исто така огорченост поради зголемената агресивност кон муслиманите во Германија.

Синоќа во Дрезден биле ангажирани преку 50 полицајци, меѓу нив и експерти од Оперативниот центар за одбрана на саксонската покраинска полиција. Натамошната истрага ја презеде надлежната оперативна служба за екстремистички кривични дела.

Уште ноќеска во Дрезден е извршено засилено обезбедување на исламски објекти и на турскиот Генерален конзулат. Полицијата соопшти дека засилено се надгледуваат двете дрезденски џамии, како и Исламскиот центар.