Со блокада на интернет против народот
20 декември 2019Десетици илјади Индијци веќе со денови демонстрираат против новиот доселенички закон кој ги дискриминира муслиманите. Владата, меѓу останатото, реагираше и со блокирање на пристапот на интернет за да спречи комуникација меѓу демонстрантите. Така, една од најголемите телекомуникациски компании во земјата, како што самите тврдат, во делови од Њу Делхи ги прекинале мобилните врски. Исклучувањето на мрежата во политички нестабилен период очигледно стана омилен механизам на хиндуистичко-националистичката влада на премиерот Нарендра Моди.
Според податоците на интернетската организација Acess Now, Индија е земја во која начесто се исклучуваат интернет мрежите. И овие блокади на мрежата имаат своја цена. Според податоците на Индискиот совет за истражување на меѓународните економски односи, има 16.300 часа исклучување на интернетот помеѓу 2012 и 2017 година, кои индиската економија ја чинат над 3 милијарди долари. Но, Индија не е единствена земја која во случај на потреба го „исклучува гајтанот“. Многу земји привремените исклучувања на интернет мрежата ја користат во борба против несакани појави. „Ние ги набљудуваме случаите во кои владите ширум светот исклучувањето на интернетот го користат како механизам на притисок за да оневозможат остварување на правото на мирен протест. Ваквите блокади се повреда на правото на слободно изразување на мислење“, смета Ликхита Банерји од Амнести интернешнл.
Исклучување на интернетот во Иран
Актуелен пример е Иран. Во средината на ноември во земјата е исклучена телекомуникациската мрежа. Тоа беше реакција на власта поради демонстрациите ширум земјата поради порастот на цената на бензинот, односно на енергетската политика на претседателот Рохани. Во Техеран 10 дена немаше мрежа, во некои немирни делови од земјата блокадата траеше и 2 недели. Блокадата на интернетот парализираше многу делови од јавниот живот.
Оваа блокада влијаеше и на работата на медиумите и на организациите за заштита на човековите права. Така вистинскиот обем на демонстрациите во Иран и натаму е непознат, бидејќи вестите беа блокирани. „За нас тоа значи дека за првпат останавме без контакт со луѓето во Иран, тоа е застрашувачка ситуација. Само мал број Иранци успеаја преку ВПН врски да ја заобиколат блокадата на интернет“, вели Мансуре Милс од Амнести интернешнл.
Африка: блокади на интернет и данок на социјалните мрежи
Многу корисници на интернет во Африка не се борат само против честите интернет блокади таму каде што се одржуваат избори или се демонстрира. Блокадата од властите за незгодни теми на интернет во земјите како Руанда, Уганда или Камерун станаа рутина. „Постојат различни блокирања или филтрирања на содржината на интернет“, вели Маи Труонг, стручњак за интернет во невладината организација Слободна куќа од САД.
Но, за разлика од Кина, која важи глобално за водечка земја кога е во прашање контролата на интернет, африканските земји не располагаат со технички можности за да го контролираат комплетниот пристап на интернет. „Во Субсахарската зона е пракса властите на телекомуникациските компании да им достават листи со адреси на непожелни интернет страници“, објаснува Труонг. Владите, исто така, се обидуваат да ја отежнат и употребата на социјалните мрежи. Во Уганда од 2018 година се плаќа дакон за социјалните мрежи.
Повеќе на темата
-Интернет цензура – симптом на власт без контрола
-Путин во Русија воведува ИнтерЊет
-Кина затвора интернет страници
Кина: Контроли наместо блокади
Во Кина блокади на интернет поради сеопфатната контрола на содржината воопшто не беа ни потребни. Пред 30 годишнината на масакарот на плоштадот Небесен мир, властите го блокираа пристапот до енциклопедијата Википедија на интернет. Пребарувачите како Гугл или социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер или Јутјуб во Кина се целосно забранети. Пред важни политички случувања властите засилено ги контролираат и ВПН врските. И во други азиски земји властите се обидуваат да го ограничат пристапот до слободен интернет. Властите во Мјанмар признаа дека во јуни годинава го блокирале пристапот до интернет во две земји во кои веќе некое време владеат немири. Властите ветуваат оти „сѐ ќе биде во ред кога ќе се смири состојбата“.
Турција: „Никој не го блокира пристапот до интернет“
И во Турција властите постојано блокираат интернет платформи, како што се Јутјуб или Твитер, кога станува збор за содржини што ја критикуваат владата. За време на протестите во 2013 година на плоштадот Гези, земјата со часови беше отсечена од пристапот до Твитер и Фејсбук. Интернет-врските беа драстично ограничени. Властите во неколку наврати негираа дека имаат некаква врска со блокадите.
Русија го следи кинескиот пристап и се потпира на централна контрола на протокот на податоци на интернет. Новиот закон за интернет, донесен во ноември, предвидува изградба на „суверен“ интернет сервер независен од странски сервери.
Понудувачите на интернет-пристап мора да овозможат централизирана контрола на протокот на податоци. За контролата покрај внатрешната разузнувачка служба ФСБ, одговорна е и контролната канцеларија за телекомуникации и руските медиуми, Роскомнадзор, на која ѝ се префрка дека во минатото веќе произволно блокирала содржини на интернет.