Блинкен предлага телефонски разговор со Лавров
28 јули 2022Откако напнатите односи меѓу САД и Русија драстично се влошија како резултат на војната во Украина, за првпат по инвазијата американскиот државен секретар Антони Блинкен сака да разговара со својот руски колега Сергеј Лавров. Тоа би бил прв американско-руски разговор на највисоко ниво од почетокот на војната. Блинкен на прес-конференција во Вашингтон рече дека тема на телефонскиот разговор би било ослободување на американската кошаркарка Бритни Гринер и американскиот државјанин Пол Вилан од руски затвор. Двајцата, од аспект на САД, се неоправдано приведени. „Уште пред неколку недели доставивме одредена понуда за да го олесниме ослободувањето“, рече Блинкен, без да даде детали.
Блинкен изјави дека со Лавров сака да разговара и околу важноста на тоа Русија да се придржува до договорот постигнат со посредство на ОН за извоз на украинско жито. Договорот е позитивен чекор напред, но има разлика меѓу договор на хартија и договор во пракса, рече Блинкен. Тој, исто така, има намера да го предупреди Лавров во врска со руските обиди за анексија на области во источна и јужна Украина.
Москва ладно одговори на предлогот од САД. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека нема официјално барање за таков разговор. Наместо да го користи „мегафонот“ за дипломатија, Вашингтон треба да се придржува кон дипломатската практика, порача Москва.
Кошаркарката Гринер беше уапсена на московскиот аеродром Шереметјево на 17 февруари поради прекршок поврзан со дрога. При проверка на нејзиниот багаж, се утврдило дека со себе имала таканаречени чаури и мала количина масло од канабис. Таа ја призна својата вина, но се бранеше велејќи дека користела медицинска марихуана како лек за болка, во консултација со нејзиниот лекар.
Вилан пак беше уапсен во Русија во декември 2018 година и обвинет за шпионажа. Тој е обвинет дека презел тајни информации од Русија. Во јуни 2020 година, тој беше осуден на 16 години затвор.