1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блаже Конески – величан и оспоруван

21 декември 2011

„Јазикот е наша татковина“. Оваа порака испишана на скулптурата на кодификаторот на македонскиот литературен јазик има значење на пророштво, особено денес кога тој јазик е нападнат од надвор и нагризуван одвнатре.

https://p.dw.com/p/13XAo
Фотографија: MIA

Поет, есеист, лингвист, професор, акaдемик и еден од основачите на МАНУ, нејзин прв претседател, преведувач од седум јазици, прозаист...Ќе ви треба и време и простор да испишете што се’ креирал Блаже Конески, аманетски создал, напишал или рекол втемелувачот на македонскиот литературен говорен и пишан јазик, на неговиот правопис и граматика. На обележувањето девет децении од неговото раѓање, белиот споменик пред Академијата е поставен како паметник на „македонскиот книжевен јазик, воздигнувајќи го како наша единствена татковина“, потсети преседателот на МАНУ, Георѓи Старделов.

„Блаже Конески со своето знаменито дело, на нашиот јазик и нашето духовно траење, на светски план, неодминливо му даде големо научно и духовно достоинство“. Пофалното слово за Конески, академик Старделов го соопшти на научниот собир во МАНУ, каде меѓу стотината современи проучувачи, најмалку половината беа лингвисти од помладата генерација и дваестина светски слависти од странство.

Битката за јазикот останува на наследниците

Современиот македонски јазик е дел од светската енциклопедија на живи јазици и никој не може да го „негира неговиот словенски и оригинален тек“, рече неодамна академик Сузана Тополинска, еден од најпознатите светски слависти. Таа потсетува како Блаже Конески го втемелуваше литературниот јазик врз говорните дијалекти . „Конески, како стандардна база на македонскиот литературен јазик, свесно ги избрал централните дијалекти од западното говорно подрачје, бидејќи таму се раздвижија иновациските говори“.

Битката за јазикот останува на наследниците на Конески. Еден од нив е младиот книжевник Жарко Кујунџиски. „Ние мораме да бидеме децидни во секоја ситуација- која е нашата свесност, како ние се идентификуваме во однос на јазикот, нацијата и сите идентитетски прашања“.

„ Јас песната не ја пишувам, туку ја откривам“, изјавил Конески чии први поеми „Везилка“, „Лозје“, песната испеана за „Тешкото“ се дел од светските антологии. Но самиот, при крајот на творештвото, во секоја авторска книга со песни внесуваше и по неколку препеви од големите класици на светската литература, преведувајки ги, од германски, Шилер, Хајне, Гете.., од руски, Пушкин, Мајаковски, па Прешерн, Његош.

„Тој е споменик што се движи“

Оваа изјава, кажана за Конески, ни ја цитираше неговиот прв дипломец по македонски јазик и литература, Трајко Стаматовски. Го сретнавме во МАНУ, со своите 87 години, одвај движејќи се, но непопустлив да се поклони пред паметникот на „една од најзначајните личности на научната и културна сфера на Македонија во минатиот век“. Тоа е неговиот личен одговор за изјавите на омаловажување кон Конески, изречени од некои поединци на владејачката елита. Тие за академикот, писател и професор, говореа како „ џуџето од Небрегово“, прилепското село и роден крај на втмелувачот на македонскиот литературен јазик. Сепак некои од неговите критичари и денеска говорат дека Конески бил заробеник на „српската школа на Вук“, одбегнувајќи да ги вментне во правописот таканаречените пробугарски слова, пред се’ големото „ер“, што имале традиционални вредности во некои од македонските говорно- правописни дијалекти.

„Ние ја прифаќаме делумната теза, а делумните вистини се многу опасни, дека македонскиот јазик е кодицифиран 45-та година, што е точно, но тоа се однесува на современиот литературен јазик“, ни кажа академик Катица Ќулафкова. Таа потсетува на континуитетот на обидите за кодификација на македонскиот јазик со векови наназад, од сесловенските просветители, до Крсте Мисирков.

Македонскиот јазик ги доби мошне рано, веднаш по Втората светска војна, главните столбови со кои веќе можеше сериозно да се претставува во светот на науката (правописот, граматиката, речникот, историјата на јазикот и др.). Во сите нив е вграден по еден „голем Конески“, вели Трајко Стаматовски, кој признава дека како неговиот личен пријател и проследувач, често го глорифицира, иако „Конески беше исклучително топол, скромен и автор без суета“.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Симе Недевски