Благословот и проклетството на туризмот
13 јули 2019Дубровник, Венеција, Барселона - сите имаат заеднички проблем. Тие се толку популарни, што едвај излегуваат на крај со толпите туристи кои ги посетуваат. Џиновските крузери во меѓувреме станаа симбол на проклетството наречено - масовен туризам.
Но, тоа не мора да биде така! Во Европа има многу земји кои и тоа како се исплаќа да се посетат и на кои сигурно добро би им дошол секој странски турист - Босна и Херцеговина, Србија, Молдавија, Украина се само некои од нив. А добро знаеме и што можат да понудат македонските туристички бисери.
Туризмот, имено, придонесува за раст на економијата и на вработеноста.
Во туристичките земји како Хрватска, Грција, Португалија или Италија, тој сочинува дури една петтина од брутодомашниот производ. Во Германија, туристичкиот сектор остварува поголем промет дури и од машиноградбата.
Туристите значи носат пари и затоа би требало да бидат добредојдени гости. Но дали е навистина така?
Повеќе во видеото:
Да, но само на почеток. Со растот на бројот на посетителите, малку по малку расте и незадоволството на домашните. И на крајот туристите се виновни за сѐ што не чини - од преполните трамваи, па сѐ до растот на трошоците за домување. Затоа и не зачудува тоа што некои градови веќе реагираат со повисоки туристички такси, ограничување на бројот на крузери во пристаништата, казни за непристојно однесување на туристите, а во последно време и со пренасочување на посетителите кон помалку познати туристички атракции.
А тоа, сепак, е многу подобро отколку забрани. Којзнае, можеби и на туристите ќе им дојде преку глава од гужвите, па полека ќе почнат да посетуваат некои други земји и градови кои не се на самиот врв на најатрактивни дестинации.