1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битката на Полска за слобода

Бартош Дудек
21 јули 2017

Ќе мораат ли Полјаците за првпат својата слобода да ја бранат од внатрешен непријател? Откако полското Собрание ја изгласа реформата во правосудството, расположението во Полска станува сѐ поагресивно, смета Бартош Дудек.

https://p.dw.com/p/2gwOT
Polen Protesten gegen Gerichtsreform
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Keplicz

Денови и слики кои ќе влезат во полската историја. Потресни и застрашувачки истовремено. Од една страна, демонстранти кои пред судовите во градовите палат свеќи како правната држава да е веќе мртва. На седиштето на Врховниот суд го проектираат слоганот: „Ова е наш суд“. Пратеници на опозицијата, кои на седницата на парламентарната Комисија за правда стануваат и ја пеат националната химна „Полска уште не е загубена“ и кои во пленумот гласно скандираат „Независни судови!“ Претседател на државата - Анджеј Дуда -  кој првпат од сопствената партија бара умереност и се доближува до опозицијата.

Грди слики

Од друга страна, од овие денови ќе останат запаметени и грди слики: Национал-конзервативен лидер на владејачката партија - Јарослав Качински - кој во Парламентот, заобиколувајќи ги сите правила и процедури, едноставно ја зазема говорницата и опозицијата ја оквалификува како „Убијци на мојот брат“, „Предавници“, „Измамници“. Турканици и тепачка какви што немало во поновата историја во полскиот парламент. Бариери и огради, кои парламентот го прават тврдина. Полиција во состојба на подготвеност. Тензии без крај. Омраза и презир. Земја во вонредна состојба.

Dudek Bartosz Kommentarbild App
Бартош Дудек

Умерените приврзаници се уплашени

Сепак, сликите во себе имаат нешто ослободувачко. Многу умерени гласачи на партијата на Качински се преплашени: испадот на бес и омраза на лидерот на партијата го демаскираа фактичкиот властодржец. Може да се претпостави дека всушност се работи за одмазда. Совладување на лична траума. Соџвакување човечка повреденост преку политички средства. Навистина ли му требаат на Качински послушни судови за да може да ги казни Доналд Туск и останатите „измамници“, кои ги обвинува за смртта на својот брат?

Кусиот ноќен настап на Качински во Парламентот веројатно е почеток на неговиот крај. И онака беше јасно дека долгорочно тоа го чека: Полјаците кои во 20-тиот век својата слобода успешно ја одбранија од две тоталитарни сили однадвор, нема да дозволат оваа слобода да им се земе ни од внатре. Одвраќањето од актуелната политика на владата, според тоа, е само прашање на време - и по која цена тоа ќе се случи.

А, цената може да е превисока. Ако Европската комисија навистина ја реализира својата закана и го активира член 7 од Договорот за ЕУ, штетата за имиџот ќе биде огромна - дури и ако сојузникот на Качински, Виктор Орбан, со своето вето ја спречи најстрашната казна - одземањето на правото на глас во Советот на ЕУ. Постапка за утврдување на прекршувањата на Договорот би чинела скапо. За тоа не одлучуваат владите на земјите членки, туку Европската комисија и Европскиот суд, кој може да пресуди и парична казна. Доколку на тоа се додаде и евентуално кратење на субвенциите за земјоделство, Качински политички не би го преживеал бесот на полските земјоделци.

Кој сее ветар, ќе жнее бура

Бесценет е животот и здравјето на секој еден граѓанин на Полска. Со оглед на стилот на бескомпромисност и конфронтација на политиката на Качински, како и затруената и со омраза исполнета атмосфера во земјата, доволна е искра за  ситуацијата да ескалира. Не попусто во Стариот тестамент се вели дека „Кој сее ветар, ќе жнее бура“. Полска положи доволно жртви на олтарот на слободата. Заслужува конечно долгорочно да живее во мир и слобода.