Бин Ладен се маскирал со каубојска шапка
9 јули 2013При гонењето на шефот на Ал Каеда Осама бин Ладен, Пакистан целосно потфрлил, и по можност дури и со намера. До ваков поразителен резултат доаѓа тајниот извештај на една пакистанска истражна комисија.
Пакистанските власти по анализата на голем број изјави на сведоци морала да биде соочена со обвинувања за „казнива лесноумност и некомпетентност на речиси сите нивоа“, се вели во извештајот. Комисијата не нашла докази за директна помош, меѓутоа не можело да биде исклучена можноста за „евентуална поддршка“ на Бин Ладен.
Тоа што соседите во Аботабад, локалните власти, полицијата и тајните служби, големината и чудната форма на куќата, бодликавата жица, немањето автомобили или посетители во период од речиси шест години не го забележиле, било „скоро да не се поверува“ се вели во извештајот.
Извештајот на пакистанската истражна комисија содржи и изјави на неговите сопруги, според кои Бин Ладен носел каубојска шапка за маскирање. Со шапката сакал да избегне „од горе“, односно од американските сателити да биде препознаен, кога се движел на неговиот имот во северно-пакистанскиот Аботабад, се вели во 336 страници долгиот извештај на истрагата. Исто така, според кажувањата на неговите три сопруги, Бин Ладен се грижел за религиозното воспитување на неговите деца и внуци.
Во извшетајот кој пакистанската влада го држеше во тајност, а сега е објавен од телевизијата Ал Џазира, меѓу другото се вели дека пред Бин Ладен да се сокрие во Аботабад, полицијата во пакистанскиот регион - долината Сват сопрела автомобил во кој бил шефот на Ал Каеда и неговите блиски соработници. Возачот на пат кон еден пазар возел пребрзо. Полицаецот меѓутоа му дозволил на автомобилот со тогаш најбараниот терорист на светот да го продолжи патувањето. Зачудувачки е и дека Бин Ладен во регионот на долината Сват најверојатно не ја носел брадата, која беше белег на неговите видео пораки. Во извештајот, тој се опишува како „висок, избричен Арап“.
Девет години поранешниот шеф на терористичката мрежа Ал Каеда и државен непријател број 1 на САД, Осама бин Ладен, се криел во Пакистан.
Американските специјални сили во мај 2011 година го убија Бин Ладен во неговото засолиште во пакистанскиот град Аботабад. Комисијата, по барање на владата требаше да открие, како САД можеле самостојната операција да ја изведат во Пакистан без да бидат забележани и како Бин Ладен можел да се засолни во Аботабад. Извештајот бил подготвен уште пред парламетнарните избори во мај, владата меѓутоа не го имаше обајвено.