Бил ли некој некогаш на Mесечината?
19 јули 2019Американците никогаш не слетале на Месечината. Спуштање на Месечината и славната реченица „Мал чекор за човештвото..." се случија вистински или е тоа снимено во студио? И кој бил зад камерата кога „првиот човек“ стапнал на Месечината?
Има многу дилетантски грешки: како американското знаме може да се виори на Месечината? Од каде таму има ветер и атмосфера? Измислица! Политичка манипулација со која Американците сакаа да им испратат порака на Русите: „Гледајте, ние први стасавме до таму, а не вие!". Тоа беше време на Студената војна и беше општо познато какви методи користеа двете страни и на што се беа подготвени.
Кога сме веќе кај тоа, можеби и не знаете дека во дивината на Алјаска постои таен истражувачки центар кој може да предизвика и земјотреси. Се вика ХААРП и преку него може да се манипулираат и временските прилики со цел да се измачуваат луѓе. Не верувате? Напишете на онлајн пребарувач HAARP и „земјотрес“ ( на англиски тоа е Earthquake) и ќе видите колку многу текстови ќе ви излезат на темата.
Исто така сигурно знаете што се белите линии на небото. Тоа се „кемтреилс“ – траги од хемикалии. Тешко е да се каже кој воопшто може да верува дека се тоа траги од кондензацијата на жешките мотори на авионите (над 600 степени на секои 1000 метри височина.
Не, тоа не е кондензирана вода туку хемикалии кои ги распрскуваат за да се контролира климата, а попатно и да нѐ отрујат нас луѓето. И кој воопшто има речено дека земјата е тркалезна? А и ако е, тогаш е шуплива и таму долу има многу опасни нешта кои ни ги подготвуваат злобни луѓе. Можеби и не се „луѓе“ туку најверојатно се вонземјани кои веќе одамна владеат со нас.
„Тајни информации“
Ве насмеа ли ова што го прочитавте? Добро, тогаш можеби сте имуни на теориите на заговор. Нема точни податоци, колку луѓе се подготвени да им веруваат на таквите апсурдни приказни, а тешко е да се каже дали денес ги има повеќе или помалку отколку порано.
Но, во денешното време на интернет и најглупавите теории на заговор станаа многу повидливи, објаснуваат психолозите. Тоа пак е дополнителна потврда за оние кои ионака веруваат во тоа („пишува на интернет“) и веќе немаат осет дека им е попаметно да молчат бидејќи се сметаа за чудаци со нивното трескање глупости. Освен ова психолозите објаснуваат дека постои уште еден важен мотив за верување во теории на заговор од сите видови, не само од научна, туку и од политичка природа- односно тие луѓе веруваат дека знаат „тајна“ и со тоа им припаѓаат на екслузивниот круг „упатени“.
Но, да се вратиме на Месечината. Кога целиот свет гледаше како американското вселенско летало слетува на Месечината во 1969 година речиси никој не се сомневаше во тоа што го гледа – дури ни во Кремљ. Дури во 1976 година извесен Американец, Бил Кејсинг објави книга со наслов „Никогаш не отидовме на Месечината."
Книгата се продаваше одлично и голем број луѓе веруваа во неговите тези. Кејсинг не беше научник, ниту пак техничар или инженер. Тој како автор пишуваше за земјоделие, готвење, совети за даночни пријави. Секако сето ова не му се продаваше вака добро како неговото вистинско „откритие“. Кога сме веќе кај тоа, да ги погледнеме неговите „аргументи“:
1. Знамето се вее
Нил Армстронг и Баз Алдрин го забија знамето на тлото на Месечината и тоа се вее. Но како е тоа возможно кога таму нема атмосфера и ветер?
Научни тврдења:
Знамето не се вее. Се мрда кога покрај него ќе помине некој од астронаутите. Тоа нема да се вее на Месечината, но нема ниту да падне како на земјата бидејќи таму има слаба гравитација. За секој случај им дале знаме со шипка која ќе го држи за добро да се види на екранот.
2. На фотографиите од Месечината нема ѕвезди на небото
Разбирливо: во студиото каде што е сето тоа е снимено, сценаристите намерно не сакале да се сликаат сите ѕвезди од небото.
Научни тврдења:
Теоретски, на Месечината без атмосфера многу добро може да се видат ѕвездите, но не и ако ги пржи сонцето – а тие слетаа на сончевата страна на Месечината.
3. Совршени фотографии
Американските астронаути тогаш добија најдобри камери кои можеше да се купат од производителот Хаселблад. Но како баш сите фотографии се толку совршени?
Научни тврдења:
Кој вели дека „сите“ фотографии излегле совршени? Во НАСА имаат и кутија со матни фотографии и навистина е чудно зошто никој не сакал да ги објави (инаку, додуша не во вселенската агенција, туку на друго место – има и матни фотографии на Мерлин Монро кои никогаш не се објавени.) Освен тоа, астронаутите вежбале претходно со фотоапаратите, а Хаселблад ги опреми со „идиотски“ објективи со кои и лаици може да напдрават остри и јасни фотографии без многу подесувања.
4. Некој во студиото ги наместил рефлекторите погрешно – сенките на објектите не се паралелни.
Ако малку подобро ги погледнете фотографиите од Месечината, сенките на нив не се паралелни! Значи користено е вештачко осветлување, а тие биле толку несмасни што дури ни рефлекторите не ги поставиле како што треба.
Научни тврдења:
Погледнете ги сенките малку подобро: сенки на тродимензионална позадина нема секогаш да изгледаат „логично“ на дводимензионална фотографија. Паралелните линии нема да бидат паралелни и поради широкиот објектив кој го користеле, а нема да најдете ниту една фотографија на која едната сенка паѓа лево, а друга на иста слика на десно. Секако на сите оние кои се уверени во теоријата на заговор малку им помага ваквото објаснување бидејќи „тие знаат подобро“. И тие секако знаат подобро не само од 12-те астронаути кои биле на Месечината, туку и од 400.000 луѓе кои биле вклучени во проектот Аполо и од кои никогаш никој не изјавил дека учествувал во некаков циркус.