1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисот со струја и годинава ќе врти милиони

Костадон Делимитов 17 јануари 2014

Трговците со струја и годинава ќе тријат раце. Проекциите во енергетскиот биланс дека годишниот увоз ќе се намали за сметка на домашното производство, според дел од експертите е прашање дали ќе се оствари.

https://p.dw.com/p/1AsVV
Фотографија: Fotolia/Christian Schwier

Македонија годинава треба да троши повеќе струја, но истовремено и да го намали нејзиниот увоз. Проекциите во енергетскиот биланс предвидуваат зголемување на потрошувачката на струја за 2,3% односно 5,5% на примарната енергија во споредба со лани, но истовремено и зголемување на домашното производство за 8,9%.

Домашното производство се проектира на 57,7%, а останатите 42,3% ќе бидат покриени од увоз кој според прогнозите треба да се намали за 27% во споредба со 2013.

Клучен фактор за намалување на увозот е гасот, кој годинава се очекува да се троши повеќе во процесот на производство на електрична енергија. Реални или не, ваквите проекции според дел од експертите значат извесно подобрување кое доколку се реализира минимално ќе ја намали зависноста на земјата од увоз на струја.

Според претседателот на македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев ако термоцентралата ТЕ-ТО работи со полн капацитет во текот на целата година и АД ЕЛЕМ ги произведе планираните количини струја увозот ќе биде помал. Тој сепак не прогнозира дека годинава ќе има позначајни промени во крајниот биланс. „Во енергетскиот биланс се предвидува дека гасната електрана ТЕ-ТО во Скопје ќе работи со полн капацитет и доколку тоа се случи и доколку АД ЕЛЕМ ги произведе планираните количини струја ќе има помал увоз од порано. Но, за жал ТЕ-ТО може да работи со полн капацитет само во месеците кога продава и топлинска енергија, а тоа се зимските месеци, но и во тие не работи во целост, но еве и така да се случи, тоа не е цела година. Така што најверојатно тоа ќе се случи. Сега останува да видиме, но тоа зависи од односот на цените на гас, електрична енергија и топлинска енергија. Со оглед на тоа дека очекуваме цените да бидат слични со оние од минатата година повторно претпоставуваме дека реализацијата на енергетскиот биланс за разлика од планираното ќе биде онака како што беше минатата година. Со други зборови, ТЕ-ТО повторно нема да работи од пролет па натаму, тоа се претпоставки и тоа повторно ќе значи малку поголем увоз на електрична енергија, односно нивото на увоз од минатата година“, смета Анѓушев.

Symbolbild RWE Mitarbeiter Entlassung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од АД Електрани на Македонија за Дојче веле коментираат дека во согласност со можностите ќе се обидат да ги произведат планираните количини. Полниот капацитет на хидроцентралата Света Петка и очекувањата за старт на работењето на ветерниот парк кај Богданци треба да придонесат за зголемување на производствените капацитети.

Се очекува зголемување на домашното производство на електрична енергија

Од министерството за економија велат дека со енергетскиот биланс за периодот 2014-2018 се очекува обезбедувањето на примарната енергија од домашните извори да се движи во границите од 57,3% до 59,3%, додека увозот од 40,7% до 42,7%. Во однос на електричната енергија во текот на периодот 2014 – 2018 година се очекува зголемување на домашното производство на електрична енергија со просечен годишен раст од 4,9%, што се должи на најавите за производство на електрична енергија од ТЕ-ТО Скопје како и производството на повластените производители на електрична енергија. Во очекување на збирните официјални податоци за увозот на струја во 2013 година, вкупната сума веројатно ќе надмине 100 милиони евра со оглед дека само во девет месеци беше регистриран увоз од 93 милиои евра.