1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бертелсман: Македонија и натаму назадува

Борис Георгиевски/бти29 февруари 2016

Назадување на демократијата, статус-кво во економијата. Извештајот на Фондацијата Бертелсман за Македонија укажува на бројни проблеми и опасности за земјата.

https://p.dw.com/p/1I316
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Македонија бележи натамошен пад според Индексот на трансформација кој го објавува угледната германска фондација Бертелсман на период од две години. Во однос на последниот извештај објавен во 2014, Македонија најмногу назадувала во политичките критериуми, поточно во делот на владеењето на правото, и стабилноста и демократските институции. Кај економските параметри нема поголемо назадување но се констатира статус-кво, а позитивно е оценет единствено економскиот раст.

Земјата и натаму се води како „дефектна демократија“ заедно со Црна Гора, Србија, Унгарија, БиХ, Албанија и Косово, а во регионалниот извештај Македонија се потенцира како еден од примерите за назадување.

Владејачките партии во Унгарија- Фидес и Македонија- ВМРО-ДПМНЕ, според регионалниот извештај, „доминираат со парламентите и го прошириле своето влијание врз судството, медиумите и другите институции“, а „тоа го прават преку користење на техниките на популистичка мобилизација“.

Извештајот за Македонија е правен за периодот 2014-15 година, и во него не се опфатени дел од случувањата од крајот на минатата и почетокот на оваа година на политичката сцена.

Фирмата на Мијалков- предизвик за безбедноста

Во делот на безбедноста, Бертелсман наведува неколку предизвици за државата. Првиот е трендот на приватизација на безбедноста, при што се наведува дека приватните безбедносни агенции имаат законско овластување за спроведување на законот вклучително и приведување и претрес на луѓе, како и употреба на сила и носење оружје. Тоа, според Бертелсман, е опасно затоа што „една компанија, Security Group Services (СГС), во меѓувреме доминира на пазарот на приватното обезбедување и добива најголем дел од јавните договори за услуги за обезбедување“.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Фирмата за обезбедување на Мијалков може да биде закана за безбедноста.Фотографија: DW/P. Stojanov

„Иако сопственичката структура на компанијата е нејасна, медиумските извештаи ја поврзуваат со директорот на цивилната разузнавачка служба, кој е роднина на премиерот“.

Извештајот како други причини за загриженост ги наведува и „организираните криминални групи на северот и западот на земјата“. „Овие клановски групи претставуваат ризик во руралнтие региони“. Опасни за Македонија во иднина можат да бидат и радикалните фундаменталисти кои се приклучуваат кон „Исламската држава“ во Сирија, иако нивниот број се проценува на десетина.

Во делот на администрацијата, извештајот забележува дека „вработување на малцинствата се политизира и користи за создавање клиентелистички односи со електоратот“. Менаџирање со јавните финансии се оценува како „слабо“, а политизираноста на јавната администрација како „висока“. За време на изборите, вработените во јавната администрација се жртви на систематски политички притисок. „Државниот апарат страда од широко распространета корупција, политички патронат, конфликт на интереси и недостаток на технички способности“.

Притисок врз медиумите и новинарите

Во однос на слободата на говорот и медиумите, се цитираат и делови од извештајот за човековите права на американскиот Стејт Департмент, каде „владиниот притисок врз медиумите“ се оценува како растечки проблем.
„Владата го наруши рекламниот пазар, правејќи ги медиумите финансиски зависни од владините реклами. Водечките медиуми имаат тенденција да известуваат исклучиво позитивно за владините активности. Бројни новинари се под притисок да го прифатат про-владиниот аспект или да останат без работа, што ја зголеми и авто-цензурата“.

Mazedonien Journalisten Proteste in Skopje
Бројни новинари се под притисок да го прифатат про-владиниот аспект или да останат без работаФотографија: DW/K. Blazevska

Во делот на правото на здружување уште се дополнува и дека „Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги фавозирира граѓанските организации кои се блиски до неа. Соочена со протести од разни социјални групи, ВМРО-ДПМНЕ има тенденција да инспирира и поддржува контра-протести“.

Во делот на владеењето на правото и поделбата на моќта, се наведува дека „личните релации меѓу премиерот, неговите соработници, роднини и лојални поддржувачи на владејачката партија ја нарушуваат официјалната поделба на власта, затоа што тие релации влијаат врз институциите одговорни за контрола врз владата“.

Конкретно во делот на судството се наведува дека „директното владино мешање останува сериозен проблем“. И тука делумно се цитира извештајот на Стејт Департментот во кој владата се обвинува дека користи политички притисок и закани за да влијае врз судството.

„Владата исто така има и буџетска контрола за влијание врз судството. Дополнително, процесот на именување и отпуштање судии, иако ставен во надлежност на независен судски совет, делува како да е длабоко политизиран“, се наведува во извештајот на фондацијата Бертелсман за Македонија.