1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин не сака да се меша во спорот со Грција

30 декември 2009

Влезот на Македонија во ЕУ и НАТО е стратешки интерес на Германија, велат за Дојче Веле високи функционери во германското МНР. „Евроинтеграциите на Македонија се лепакот кој ја одржува земјата“, се вели во Берлин.

https://p.dw.com/p/LGIn
Германскиот и македонскиот претседател Хорст Келер и Ѓорге Иванов во септември во БерлинФотографија: AP

Изминатата 2009 година почна и заврши со позитивни сигнали од официјален Берлин до Македонија, пред се’ во однос на нејзините евро-атлантски интеграции. Стравувањата дека Германија ќе бара забавување на процесот на проширување на ЕУ, од што Македонија би била директно погодена, се покажаа неточни, иако владата на Ангела Меркел остави простор за дилеми околу искреноста во однос на понудените европски перспективи за земјите од регионот.

Контактите меѓу двете земји, со исклучок на средбата на претседателите во Берлин, се одвиваа главно на пониско ниво, барем што се однесува до германската страна.

Поддршката од Германија за Македонија во изминатава година беше потврдена на десетина официјални средби на функционери од двете земји, меѓу кои на врвот беше средбата на двајцата претседатели Хорст Келер и Ѓорге Иванов во Берлин, но и во многубројни неформални брифинзи од германска страна.

Извори од германското МНР неодамна брифираа дека Берлин е цврст поддржувач на евроатлантската интеграција на Македонија и оти во тоа прашање гледа и сопствен интерес. „Ние ќе ги загрозиме нашите стратегиски интереси доколку Македонија не влезе во ЕУ и НАТО“, ни‘ изјави кон крајот на ноември годинава висок германски дипломат, кој инсистираше на анонимност. „Евроинтеграциите на Македонија се лепакот кој ја одржува таа земја“, објасни тој.

Меркел: Не сакаме да се мешаме

Она во што Германија не може директно да и’ помогне на Македонија, е решавањето на спорот за името со Грција, иако дипломатите признаваат дека паралелно се вршат притисоци врз двете страни. Тоа уште во март годинава јасно го потврди и канцеларката Ангела Меркел.

Weltklimagipfel - Pk Angela Merkel
ЕУ нема намера да се меша во македонско-грчкиот спор, е пораката на МеркелФотографија: dpa

„Најпрво, веќе подолго во Обединетите нации тече процесот меѓу Македонија-ФИРОМ и Грција, во кој ние како Европска унија едноставно не сакаме да се мешаме. Второ, станува збор за една земја, која е веќе членка на ЕУ и една земја, Хрватска, која поинаку од Македонија, веќе води конкретни преговори за членство. Тука е доведено во прашање затворањето на одделните поглавја, кои се значајни и за другите земји од ЕУ. Во случајот на Македонија и Грција станува збор за долготраен процес и човек треба трипати да размисли дали можеме на Светската организација да и‘ кажеме дека Европската унија може подобро да го реши спорот. Сите сме ние членки на ОН и можеме да учествуваме во тој процес на решавање во ОН”, рече Меркел.

При февруарската посета на, сега веќе поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, беше најавена визната либерализација. Државниот министер во германското МНР, Гинтер Глосер тогаш најави дека либерализацијата ќе стане реалност до крајот на годината, доколку се исполнат сите зададени задачи од македонска страна.

Но, веќе во март истата година многу недоумици предизвика одлуката на водечката германска политичка партија, ЦДУ во изборната програма за европските избори да наведе дека на Европската унија и’ е потребна пауза во проширувањето по приемот на Хрватска. Канцеларката Ангела Меркел ги ублажуваше критиките со став дека тоа не значи оти останатите земји од Западниот Балкан нема да бидат примени во Унијата, туку дека се очекува нивните преговори да траат подолго и затоа и немало потреба да се ставаат во краткорочната агенда на нејзината партија.

Ни збор за Западниот Балкан

Истото прашање повторно се актуелизира и по претставувањето на програмата на новата германска влада, во ноември годинава. Тогаш, опозициските социјалдемократи и партијата на Зелените во парламентот жестоко реагираа на декларацијата на десно-центристичката коалиција меѓу ЦДУ/ЦСУ и Либералите, во која немаше ниту збор за политиката на новата Влада кон Западниот Балкан. Во одбрана на владините ставови, во изјава за Дојче Веле застана пратеникот на демохристијаните Јирген Климке.

Deutschland SPD Walter Kolbow
Валтер Колбо: ни‘ требаат јунаци за иднинатаФотографија: picture-alliance/ dpa

„Нема да има промена, туку напротив, засилување на перспективите за членство на Македонија и на другите земји од Западниот Балкан“, објаснуваше Климке.

Паралелно со дефинирањето на стратегиските насоки во однос на Македонија и Западниот Балкан, одеа и пораките до Скопје и Атина за надминување на деценискиот билатерален спор. Повиците за компромис за името особено се засилија по одржаните претседателски избори во Македонија. Активен во поддршката, но и во критиките кон властите во Скопје, беше Валтер Колбо, пратеник на социјалдемократите во Бундестагот и претседател на Германско-македонското друштво. Во мај годинава тој и’ порача на македонската влада дека се потребни јунаци за иднината, а не за минатото.

„Според нас, не помага да се инсистира на постоењето 2000-годишна историја на Македонија, за да се јакне денешниот македонски идентитет. Ние на ова гледаме поинаку од владата. Поточно, редицата акции од ваков карактер не само што не помагаат, туку напротив, дотураат масло во огнот. Нам ни‘ требаат јунаци за иднината, за мирот и напредок во Европската Унија, а не јунаци од минатото“.

Со сличен тон неколку пати за Дојче Веле говореше и државниот секретар во германското МНР, Гернот Ерлер.

„Тврдата линија во спорот за името не води до резултат“, им порача во април годинава Ерлер на властите во Скопје, а во октомври испрати и апел до двете страни пофлексибилно да работат на постигнување компромис.

Критики за Грција

Истовремено, германските политичари не криеја оти нема начин како да се притисне Грција да не ја блокира Македонија. Европарламентарката Дорис Пак оцени дека политиката на Атина е националистичка и неевропска.

„Така е. Тоа е нефер и неевропски. Никој од нашите поранешни земји членки не се однесувал кон Грција онака, како што Грција во моментов се однесува кон Македонија. Грција е членка на Европската унија, членка на НАТО и нема што да се плаши од Македонија. Во заднина стојат националистички тенденции, кои навистина би морале да бидат стопирани. Би било можно Македонија дури малку да го прошири името и да го прифати името ’Северна Македонија’. Но, Грција оди уште понатаму. Грција сака Македонија да се откаже од придавката македонски, значи нема македонски јазик, нема македонско вино во Македонија итн. Ова навистина оди предалеку, им се одзема идентитетот, а тоа не би смеело да се случи во Европа“, рече Дорис Пак.

Doris Pack
Дорис Пак смета дека Грција оди предалекуФотографија: Europäisches Parlament

Уште пожестоки беа критиките на пратениците на Бундестагот кон Грција, откако Македонија во декември не доби датум за почеток на преговорите со Унијата поради блокадата од Атина.

„Што се однесува до Грција, треба се користи јазикот на дипломатијата за да се остане пристоен. Од 1981-та, од нејзиното приклучувањето кон ЕУ, таа е најголем корисник на средства од Унијата. Од ова секогаш профитирала, а сега исто така профитира и од солидарноста на Европската унија”, порача од парламентот Гинтер Крихбаум од ЦДУ-ЦСУ.

Ќе се остварат ли прогнозите на Меркел?

Во официјалните оценки, германско-македонските односи во изминатата година по традиција од политичарите од обете страни беа опишувани како добри. Германија, притоа, е и најголем трговски партнер на Македонија, а според македонскиот претседател Иванов, таа е и најголемиот поддржувач на земјата.

„Самото реализирање на оваа средба кажува дека политичкиот дијалог на највисоко ниво и ги одразува односите што постојат меѓу Сојузна Република Германија и Македонија. Германија е најголем трговски партнер на Македонија и поддржувач на напорите кои ги прави земјата кон НАТО и Европската унија“, изјави Иванов.

Mazedonischer Präsident Gjorge Ivanov in Berlin
Ѓорге Иванов во Берлин оцени дека Германија е најголем поддржувач на МакедонијаФотографија: Silvera Padori

Поддршката за која говореше Иванов во интервјуто за Дојче Веле во септември годинава, сепак не беше манифестирана и со нивото на билатералните средби меѓу претставниците на двете држави. Шефот на дипломатијата Антонио Милошоски на двапати дојде во Берлин годинава, но не успеа да се види со тогашниот колега по функција Франк Валтер Штајнмајер, ниту со неговиот наследник Гидо Вестервеле. И премиерот Никола Груевски беше на состанокот на европската десница во Бон, но изостана средба со домаќинката, германската канцеларка Ангела Меркел.

Меркел ја почна 2009 година со изјава дека очекува да ја види Македонија во НАТО, но желбата не и’ се оствари. Кон крајот на годинава, пак, Меркел во парламентот изрази надеж дека во првите шест месеци од наредната 2010, Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со Унијата. Нејзините прогнозерски способности се’ уште се на тест.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска