Берлин и Варшава: нова кавга за човековите права
17 септември 2018Не се работеше за некој спектакуларен настан во германскиот парламент. Неколку десетици пратеници и неколку активисти за човекови права присуствуваа на говорот на Људмила Козловска минатиот четврток. Шефицата на варшавската фондација Отворен дијалог во Бундестагот зборуваше за она што актуелно предизвикува раздор во Европа: постепеното укинување на правната држава во Полска и во Унгарија. Интересот на медиумите за нејзиниот настап беше умерен, што не може да се каже и за полската страна. Медиумите блиски до власта пишуваа за „провокација" и „скандал". Слично беше и расположението кај политичарите во Варшава.
Се очекуваше дека поканата на Козловска ќе предизвика такви реакции. За владејачката партија во Полска, Право и правда (ПиС), 33-годишната Украинка веќе подолго време е омразена личност. Таа веќе 9 години е на чело на фондацијата Отворен дијалог, која се залага за граѓанско општество и човекови права во земјите од поранешниот источен блок.
Отворен дијалог за човекови права
Фондацијата ги поддржуваше украинските активисти за време на граѓански протести од ноември 2013 година до февруари 2014 година. Таа им помагаше на припадниците на опозицијата во Казахстан по масакрот и насилното задушување на демонстрациите на денот на независноста во декември 2011 година. Таа ја обелодени корупцијата во Молдавија. Фондацијата на почетокот беше добредојдена во Полска, сѐ до минатото лето.
Непосреден повод беше објава на Фејсбук од страна на сопругот на Козловска, кој истовремено е претседател на Одборот на фондацијата. „Власта која го уништува јавниот живот и го разбива управувањето на државата, мора да смета на реакција на општетсвото", пиша Бартош Крамек тогаш и повика на граѓанска непослушност, штрајкови и протести против владеачката ПиС.
Преку ноќ исчезнаа симпатиите за фондацијата Отворен дијалог. Полското министерство за надворешни работи испрати инспекција за финансирањето на фондацијата. На Управниот одор требаше да му бидат укинати ингеренциите преку судска пресуда.
Људмила Козловска во Полска е персона нон грата
Во август годинава власта го засили притисокот. Кога Козловска поднесе барање за траен престој во Полска и со тоа во ЕУ, полските власти и го одбија барањето и ја протераа од целокупниот Шенген регион, што беше преседан. Официјалното образложение е дека постоеле сомнежи за изворите на финансирање на фондацијата, како што изјави портпарол на полската служба. За што конкретно станува збор, не беше појаснето. Портпаролот додаде дека би можело да има „правни последици".
На таинствената изјава следуваа реакции од медиумите. Во весници блиски до владејачките структури беа објавени повеќе прилози во кои се пишуваше за „нејасни извори на финансирање на фондацијата". Козловска ја оквалификуваа како странски агент со наводни одлични релации со унгарско-американскиот милијардер Џорџ Сорос и сомнителни олигарси во источна Европа. Против таквите наводи протестираа звучни имиња како поранешниот претседател Лех Валеса и неколку познати противници на власта во Полска.
Тоа не беше многу од помош за Козловска, бидејќи забраната за престој во Шенгенската зона е правосилна и таа кон средината на август беше вратена во Украина. Полска ги заведе нивните имиња во Шенгенскиот информациски систем, дата базата на безбедносните служби на земјите од Шенген зоната.
Политички експозив за германско-полските односи
Потоа беше објавено дека пратеници на Бундестагот ја поканиле Козловска во Берлин. Поради тоа што украинската активистка во Полска не доби виза за влез во Шенген зоната, таа се обрати до германската амбасада во Киев, која и покрај забраната за патување во Шенген и издаде дозвола за влез. „Не може да се дозволи, Полска да спречи средба меѓу членови на Бундестагот и една активистка за човекови права,“ критикуваше пратеникот од СПД, Франк Швабе. Парламентарците сакаат од прва рака да слушнат за тоа каква е состојбата со човековите права во Полска и Унгатија, објаснува Андреас Ник од ЦДУ, зошто е важна таа средба во Бундестагот.
Во кругови на полската влада на ова се гледа сосем поинаку. Таму поканата се смета „за непријателски гест“ на Германците. Еден државен секретар во полското министерство за надворешни работи лично му кажа на германскиот амбасадор колку е вознмирена Варшава поради поканата. Полскиот претседател Анджеј Дуда зборуваше за случајот на средбата со германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер пред неколку дена во Рига. Неговата порака гласи: Поканата во Бундестагот не е добра за билатералните односи.
Негативни реакции има и во полските медиуми. Еден коментатор во вестите на полската државна телевизија ТВП поканата за Козловска ја поистоветува со објава на војна на Полска: „Основата на пактот меѓу Хитлер и Сталин останува актуелна“.
Случајот во Варшава се смета и како омаловажување на земјата, бидејќи Берлин се ставил над одлуката на Варшава да не и даде влез во Шенгенскиот систем. Ова носи политички експлозив, бидејќи Полска сега мора да достави непобитни докази дека Козловска претставува безбедносен ризик, поради кој не и е одобрен влез во Шенген зоната. Ако достави ваков доказ, тогаш Бундестагот ќе биде претставен во лошо светло. Ако не достави, тогаш кредибилитетот на Полска ќе биде длабок разнишан.