Белорусија избра „парламент на марионети“
24 септември 2012Уште пред да се огласи Изборната комисија, беше јасно дека претседателот Александар Лукашенко, кој во Белорусија е на власт веќе 18 години, нема причина да стравува за својата позиција: Сите 110 мандати ќе останат во рацете на владата, изјави самоуверено последниот диктатор во Европа, како што критичарите го нарекуваат Лукашенко. Имено „кукавичката опозиција“ немаше што да понуди, смета тој. Ставот на Западот околу гласањето Лукашенко го нарече неинтересен: „Ова се избори за белорускиот народ, не за Западот“.
Претседателката на Изборната комисија Лидја Јермошина во таа насока потврди дека веќе се познати имињата на 109 идни парламентарци. Притоа, според нејзе е „малку веројатно“ меѓу избраните да има припадник на опозицијата. Јермошина иствремено ги негираше информациите за ниска излезност на изборите. Важат само официјалните бројки, изјави таа, „останатото е чиста шпекулација“. Излезноста на изборите „ги надмина сите очекувања“. Наводно на изборите учествувале 74 проценти од граѓаните. За изборите да бидат важечки неопходна е излезност од 50 проценти од околу седум милиони граѓани со право на глас во Белорусуија.
Опозицијата обвинува дека изборите се фарса
Двете најголеми опозициони партии на Беларусија - Обединетата граѓанска партија и Белорускиот национален фронт, како и други групации, ги бојкотираа изборите. Тие обвинуваат дека гласањето било манипулирано во корист на владејачката партија на Лукашенко. Шефот на Народниот фронт Алексеј Јанукевич изјави дека белоруските власти не ја искористиле шансата за рефрми, да ги променат изборните закони и да ги ослободат политичките затвореници. Анатоли Лебедко од Белорускиот национален фронт изјави дека „лагата“ станала „визиткарта на властите“. Тоа целосно го дискредитира изборниот систем во Белорусија. „Тоа е слепа улица“ дополни Лебедко.
Пред изборот на новиот состав на парламентот дури имало и смртни закани против опозицијата, информира германската пратеничка Марилуизе Бек. Политичарката од редовите на партијата на Зелените имаше намера да ги набљудува изборите, меѓутоа не доби виза. Самото гласање беше „фарса“, повредени се повеќе демократски стандарди, нагласи Бек. Освен ова не е можно да се спроведе контрола на пребројувањето на гласовите, со оглед на тоа што опозицијата практично не е застапена во Изборната комисија.
Организацијата за заштита на човековите права Амнести Интернешнл очекува масовни апсења, доколку има протести против официјалните резултати од изборите. „По претседателските избори во 2010. година полицијата истепа голем број демонстранти кои мирно протестираа, а многу опозиционери беа уапсени. Слична ситуација се очекува и овојпат“, изјави експертот на Амнести интернешнл Јованка Ворнер. Многумина од уапсените, речиси две години по протестите се’уште се во затвор.
Европската унија и САД воведоа санкции против Белорусија поради кршење на човековите права. Санкциите меѓу другото предвидуваат забрана за патување и блокирање на сметките за Лукашенко и неговите следбеници.