Белгија ќе дозволи еутаназија на деца
13 февруари 2014И покрај силното противење од Црквата, како и од некои педијатри, се очекува законот да биде изгласан, со што оваа мнозински католичка земја ќе стане втората земја во светот, по Холандија, која ќе дозволи убиство од милосрдие на деца.
Но, за разлика од соседна Холандија, каде еутаназијата е дозволена за деца над 12 годишна возраст, со законот кој е претставен во белгискиот парламент се отстрануваат сите ограничувања во однос на возраста. Тоа предизвика големи контроверзи во земјата и пошироко.
Социјалистичкиот сенатор Филип Мају, кој беше автор и на првиот закон од 2002. година, со кој беше легализирано правото да се умре, а и самиот е лекар, побара законот да се прошири, затоа што медицинските лица им помагаат на децата кои трпат големи болки на илегален начин.
„Еутаназијата е највисок гест на хуманост, а не скандал“, изјави Мају. „Скандал се болестите и смртта на децата поради болести“.
Законот предвидува дека детето треба да има „капацитет да расудува и да биде свесно“ кога ќе побара да почине. Исто така, детето мора да биде во „безнадежна медицинска состојба на постојани и неподносливи болки, кои не можат да бидат намалени и кои ќе предизвикаат смрт на кус рок“.
Мнозинството „За“
Советување кај лекари и психијатри или психолози е исто така неопходно, како и дозвола од родителите. Пред првото гласање за предлогот во Сенатот во декември, кој мина со големо мнозинство, беа консултирани и бројни медицински експерти, адвокати и интересни групи.
Но, изминативе месеци се разви жестока дебата за темата по острите реакции од Црквата и конзервативните групи. Католичката црква денеска одржува „Ден на пост и молитви“ во знак на протест, додека околу 160 педијатри со петиција до пратениците бараа да се одложи гласањето.
Забелешките одат во разни насоки. Критичарите велат дека легислативата не го опфаќа целосно проблемот, а во законот постојат дупки, како на пример во случај на несогласување меѓу двајцата родители. Се поставува и прашањето: како родителите ќе бидат сигурни дека нивното дете здраво расудува, или дали воопшто разбира што се бара од него?
Анкетите покажуваат дека мнозинството Белгијци го поддржуваат предлогот, но се појави голема загриженост откако минатата година беше откриен случај на лице кое било убиено од милосрдие откако му била извршена неуспешна промена на полот.
Во 2012. година во Белгија биле регистрирани 1.432 случаи на еутаназија, што претставува зголемување за 25 проценти во однос на претходната година.