1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безуспешна втора рунда преговори и нови борби во Украина

ЖА/дпа/афп/ртре/дв17 мај 2014

И втората тркалезна маса во Харков за решавање на конфликтот заврши без резултат. Во источна Украина дојде до нови судири. Изборната комисија предупредува од неуспех на претседателските избори.

https://p.dw.com/p/1C1lv
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Подготвени сме да направиме се‘ за да ја задржиме целовитоста на украинската држава“, изјави привремениот премиер Арсени Јацењук денеска на тркалезната маса во Харков, која заврши без видлив успех. За задржување на територијалниот интегритет на Украина ќе има и натамошни преговори, следните се планирани за в среда. Јацењук денеска се изјасни за посебна заштита на рускиот јазик и децентрализација на власта, односно за пренос на надлежности од централната власт во Киев на регионите. Набљудувачите велат дека во Харков владеела значително подобра атмосфера на дијалог отколку на првата тркалезна маса во Киев, зашто биле присутни и претставници на опозицијата и на проруските региони.

На средбата во Харков присуствуваа пратеници и владини политичари, како и претставници на верските заедници и цивилното општество, меѓу кои и поранешните украински претседатели Леонид Кравчук и Леонид Кучма. Разговорите ги водеше германскиот дипломат Волфганг Ишингер, на барање на ОБСЕ. И на втората рунда на разговорите не беа поканети претставници на вооружените сепаратисти, како ни на првата.

Украинскиот министер за одбрана Андреј Дешчица имаше образложение: „Нема да се разговара со вооружени лица кои се однесуваат како терористи“. На средбата не учествуваа ни претставници на Москва.

„Ова не е работа на Русија или други држави, се работи за внатрешни работи на Украина“, изјави министерот.

Нови борби со гранати

Неколку часа пред преговарачката средба во Харков, дојде до нов судир меѓу сепаратистите и владините трупи. Портпарол на украинските погранични трупи изјави дека сепаратистите притоа го ослободиле претходно на еден контролен пункт уапсениот самонаречен гувернер на регионот Луганск, Валери Болотов. Сепаратистите употребиле гранати и автоматско оружје во акцијата за негово ослободување, а не се соопштува за жртви.

Украинската армија од пред еден месец безуспешно се обидува преку т.н. антитерористичка акција да ја поврати контролата над двата региона Доњецк и Луганск, кои граничат со Русија. По спорниот референдум од 11 мај, вооружените проруски сепаратисти ги прогласија регионите за независни. Во многу источноукраински градови сепаратистите ги зазедоа административните згради.

Ukraine Separatisten Rebellen in Luhansk
Проруски сепаратисти во ЛуганскФотографија: Reuters

Повисоки загуби од познатото

Од почетокот на т.н. антитерористичка акција, според информации на проруските сили, владините трупи претрпеле поголеми загуби отколку што соопштуваат. Тоа го изјави самонаречениот народен градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономарјов. Во борбите загинале најмалку 90 припадници на украинската тајна служба. Пономарјов тврди дека меѓу жртвите се и 13 убиени и 12 ранети соработници на американската ЦИА и ФБИ, како и извесен број припадници на приватни воени фирми од Полска и САД. Официјално, не е потврдено учество на странски платеници во борбите во Украина.

Според проценките на ОН, од избувнувањето на украинскиот конфликт во ноември 2013 година, убиени се околу 250 луѓе.

Можен неуспех на претседателските избори

Во меѓувреме украинската Изборна комисија предупреди од можен неуспех на претседателските избори закажани за 25 мај поради масивните проблеми во источниот дел на земјата. Поради борбите меѓу сепаратистите и владините сили во Доњецк и Луганск невозможно е таму да се изврши подготовка за изборите. Кон луѓето кои работат на организација на изборите се упатуваат закани и телесно насилство, без полицијата да реагира. Со тоа околу два милиони гласачи можат да бидат спречени да излезат на изборите.

Москва изрази сомнеж дали во вакви услови на канонада на оружјето воопшто се можни избори кои ќе ги исполнат демократските норми.