1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безредија на стадионот на Шалке поради комитско знаме

ЕМФ/дпа/сид22 август 2013

Фудбалскиот клуб Шалке 04 остро ја критикуваше интервенцијата на полицијата на стадионот во Гелзенкирхен додека траеше натпреварот со грчки ПАОК. Повод за интервенцијата беше знаме на навивачите Вардар.

https://p.dw.com/p/19USw
Фотографија: Getty Images

На стадионот на Шалке, за време на вчерашниот натпревар на овој германски клуб против грчки ПАОК, било истакнато знаме на навивачите на Вардар - Комитите, кои се збратимени со навивачите на Шалке. Грчките навивачи дојдени на стадионот во Гелзенкирхен се почувствувале испровоцирани од знамето и се заканиле со „напад“, соопшти денеска (22.08) фудбалскиот клуб Шалке 04. Фановите на Шалке кои се збратимени со навивачите на Вардар не сакале да го отстранат знамето, па полицијата се одлучила да интервенира, при што за да спречи поглема ескалација употребила гумени куршуми и спреј.

„Оваа акција беше сосема несоодветна. За нас е тоа апсолутно неприфатливо и за такво нешто немаме разбирање“, изјави раководителот на клубот од Гелзенкирхен Петер Петерс, коментирајќи ги сцените од стадионот. Тој додаде дека за случајот „мора да се разговара“. Портпарол на полицијата за агенцијата СИД денеска изјави дека во моментов се прави проценка на акцијата на стадионот, во делот каде што се наоѓаа навивачите на Шалке. Најавено е официјално соопштение за случајот.

Членот на претседателството на Шалке 04, Хорст Хелт, ја критикуваше полицијата и рече дека е зачуден што таа интервенирала во делот каде што се наоѓале домашните навивачи, зашто, како што нагласи, тој слушал експлозии од пиротехнички материјали на другата страна од стадионот. „Ако нашите навивачи на викендот во Хановер однесат знаме од Ајнтрахт Брауншвајг, дали и тогаш ќе интервенираат 200 полицајци?“, прашува Хелт.

Инаку, полицијата вчера мораше да интервенира уште при пристигнувањето на навивачите на ПАОК. На железничката станица во Гелзенкирхен е направен претрес на околу 150 навивачи за да се утврди дали носат пиротехника, соопшти полицијата. Притоа кај две лица се најдени пиротехнички материјали, по што тие се приведени.