190809 Internet Wahlen Rolle
20 август 2009Дека младите луѓе најмногу користат интернет е одамна вкоренето уверување. Затоа и не изненадува што три четвртини од младите на возраст меѓу 18 и 29 години се информираат за политика преку интернет. Интернетот, меѓу населението вкупно, се наоѓа на петто место и е зад класичните медиуми, а сепак, речиси секој втор избирач е убеден дека интернетот е решавачки за исходот од изборите. Или, поинаку кажано - и луѓето кои ретко сурфаат во интернет му придаваат на овој медиум големо значење кога станува збор за избори.
Претседателот на Здружението за висока технологија, Битком, Аугуст-Вилхелм Шеер, смета дека е впечатливо тоа што заинтересираните за политика и во интернет ги бараат познатите марки и имиња:
„Тоа значи дека се бараат интернет страниците на весници, списанија, магазини, телевизии и радија. Значи, содржината и натаму доаѓа од класичните медиуми, но се конзумира во поинаква форма.“
Комплетна слика за политичарите
Социјалните мрежи како Фејсбук или ШтудиФЦ играат се‘ поголема улога, а слично важи и за блогерските форуми, или Твитер. На тој начин може да се добие подобра слика за политичарите и кандидатите:
„ Се сака да се дознае каков политички пат изодел кандидатот, од каква средина доаѓа, може ли да му се верува, или - какви врски има, има ли дополнителна дејност и дали на тој начин може да се влијае врз неговото мислење?“
Со интернет против незаинтересираноста за политиката
Шефот на Форса, Манфред Гилнер, смета дека интернетот може да донесе успех во борбата против незаинтересираноста за политика. Според истражувањето, одзивот на европските избори во јуни, во Германија наместо 43% можел да биде 54%, доколку граѓаните можеле да го дадат својот глас преку интернет.
Покрај ваквата, теоретски комфорна, постапка на избирање, од најголемо значење е, пред се‘, интеракцијата на интернет. Гилнер укажува на еден познат пример - американскиот претседател Барак Обама демонстрираше како со помош на World Wide Web е можно приближување и како може да се намали незаинтересираноста. Но, шефот на Форса исто така укажува на тоа дека Обама победил затоа што е Обама:
„Дефицитите во политиката не би можеле да се отстранат со помош на интернет. Ако еден човек нема харизма, не помага ниту најдобриот интернет. Но, интернетот е важно надополнување и ако се користи како што треба помага во тоа да се ублажат процесите на оддалечување и неизаинтересираност за политика.“
Автор: Марсел Фирстенау/ Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска