Бегалците ја тужат Македонија во Стразбур
16 септември 2016Осум баратели на азил одлучија да покренат тужба против Македонија поради тоа што ги вратила назад во Грција, по хаотичниот обид насила да ја преминат границата, во март годинава.
Тужбата, во чија изработка помогнала германската организација за мигранти Про Азил, е поднесена до Судот за човекови права на Советот на Европа.
Претставникот на организацијата, Карл Коп вели дека бегалците биле од Сирија, Ирак и Авганистан, но не ги откри нивните имиња.
„Тие знаат дека најверојатно нема да добијат правда, но доколку биде донесена пресуда во нивна полза, тоа би можело да им помогне на бегалците во иднина“, вели Коп.
Инцидентот се случи на 14 март годинава на границата меѓу Македонија и Грција кога стотици бегалци насила навлегоа на македонска територија, а потоа беа уапсени и вратени назад во Грција.
Мигрантите во тој период беа заглавени во кампот Идомени на грчка страна. Со помош на грчки и странски волонтери, мигрантите успеаја да ја преминат малата река на границата.
„Тој стана познат како марш на надежта, но во суштина беше марш на очај“, вели Коп. „Не заборавивме што се случи. Нашиот став е дека беше користено насилство и дека луѓето илегално беа вратени назад. Таму имаше и луѓе со хендикеп и други на кои им беше потребна помош“.
Македонија во меѓувреме подигна жичена ограда на границата кон Грција, која ја чува армијата. Властите во таа земја велат дека имале право да ја заштитат својата граница и негираат дека против бегалците била употребена прекумерна сила.
Тужбата има поддршка и од Европскиот центар за уставни и човекови права, исто така од Германија. Доколку судот пресуди во нивна корист, тужителите најверојатно ќе добијат финансиска компензација.
Кампот Идомени беше затворен од властите во Грција во мај годинава, а неговите жители беа префрлени во други кампови низ земјата.