1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без шверцери немаме никакви шанси

Томас Борман/ Ж.А.17 јуни 2015

Бројни бегалци, кои успеале да стигнат до Грција, тука не гледаат никаква шанса и сакаат натаму, кон Германија, Франција или Скандинавија. Многумина се обидуваат пешки ја преминат грчко-македонската граница

https://p.dw.com/p/1FhlX
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Bennett

Бегалци од Сирија, Ирак, Авганистан поминуваат низ грчкото погранично село Идомени. Лазарос Оулис тука поседува една мала фарма. Има се‘ повеќе луѓе, вели тој:

„Овде поминуваат секој ден 100 или 200 луѓе. Тие сакаат да влезат во Македонија и потоа натаму кон Германија, барем така велат. Многубројни се, нашето мало село не може да се справи со навалата. Ќе излезам од куќата, а пред мене стојат цели семејства и молат: помогнете ни, гладни сме. Дајте ни евро или две, леб или сирење!“

Малата шумичка веднаш зад селото се протега до соседната Македонија. Бегалците преку ден се кријат меѓу дрвјата додека да падне ноќ, а потоа тргуваат преку граница.

„Ноќе смрзнуваме, немаме кебиња, имаме толку многу проблеми. Без јадење сме, без вода. Сакаме да одиме во други земји, но македонската полиција не ни дозволува да поминеме“, вели еден бегалец, Моез од Авганистан.

Понекогаш се слушаат истрели. Македонската гранична полиција испалува предупредувачки истрели. Секоја ноќ македонските граничари приведуваат стотици бегалци и потоа ги враќаат преку границата назад во Грција.

Најголем дел од бегалците се исцрпени. Хуманитарната организација „Лекари без граници“ во Аксиопули, блискиот поголем град, има отворено мобилна ординација. Во неа на бегалците им помага австралиската медицинска сестра Даниеле Балантајн.

Syrien Flüchtlinge Griechenland
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

„Многумина од нив имаат мали повреди, добиени од долго пешачење, некои се дехидрирани, мора итно да пијат вода. Не се сите навикнати на пешачат со километри. Други се болни, настинати, зашто мораат да спијат под ведро небо, а ноќе овде знае да биде многу ладно. Мнозинството бегалци овде се млади мажи, но се‘ повеќе доаѓаат цели семејства. Мислам дека наскоро на пат ќе тргнат и постари луѓе, кои уште се на нога“.

Бегалците кои успеале да стигнат до овде, северна Грција, веќе немаат пари. Најчесто тие се на пат со месеци, преку Блискиот Исток, преку Турција и Грција. Последните евра морале да им ги платат на криумчарите кои од Турција ги прошверцувале во Грција.

„Но, овде пак има потреба од шверцери за да се дојде од Грција во Македонија, без нив немаме никакви шанси“, вели Имал од Авганистан.

„Секоја ноќ одиме до границата и се обидуваме да ја преминеме, но полицијата не‘ открива. Мене ме уапсија и ми наредија да се варатм назад“, раскажува Имал. Сепак, тој пак ќе се обиде ноќе невиден да стигне во Македонија. Притоа, ни оддалеку не би бил на целта. Имал планира пешки да го премине Балканот, преку Србија и Унгарија и потоа да стигне некаде каде може да најде работа и да почне нов живот. Но, засега неговото бегство завршува во Идомени, малото село на грчко-македонската граница.