Бајката за недостиг од стручни кадри
1 јануари 2018Во Германија повторно владее стравот. Сега грижата е дека веќе нема да може да се одговори на предизвиците од иднината: во развојот на виртуелната мобилност или општо при дигитализацијата или промените кои индустријата 4.0 ги носи со себе.
Покрај таканатаречените МИНТ-професии (професии во математиката, информатиката, природните науки и техниката) недостиг од кадри се заканува и во делот на нега на стари и болни лица, како и во германските школи. Но, сепак најмногу насловите ги окупираат МИНТ-професиите, токму тука предупредувачите гледаат загрозеност за имиџот и конкурентноста на целата земја.
Меѓу причините често се цитира: нашите млади не го владеат тоа, тие тоа не го учеле, ниту пак некогаш ќе го научат. Барем не во доволен број. Луѓе од други култури исто така не можат да ни помогнат бидејќи не зборуваат германски и често пати сѐ уште помалку школувани отколку германскиот подмладок.
Така, сумирано и поедноставено, звучат аргументите кои го потхрануваат актуелниот германски културолошки песимизам и за кои со години соодветниот шлагворт гласи: недостиг на стручен кадар. Но, при подетална анализа овој поим и не е толку логичен. Напротив: се покажува дека проблемот е многу повеќеслоен.
Повеќе на темата:
-Најдобри работни места, нељубезно население
-Германија активно бара работници од Балкан
-Поуките од неуспехот на зелената карта во Германија
Дали веќе постои недостиг на стручен кадар?
Во некои региони, како на пример во Баварија и Баден-Виртемберг, има фирми кои не наоѓаат доволно стручен кадар. Таму има релативно многу компании за висока технологија, кои имаат свои седишта во ретко населени области со ниска невработеност. На ниво на цела Германија ситуацијата е поинаква: во останатите сојузни покраини има многу повеќе луѓе во потрага по работно место отколку понуда на работа и недостигот на стручен кадар воопшто не е тема.
Освен тоа, прецизира Аксел Плинеке од Институтот за германската економија во Келн: „Ние дебатираме повеќе за тесни грла со стручни кадри". Тоа не звучи само помалку заканувачки, туку и научно е коректно. Терминот „недостиг на стручен кадар" бил јазична редукција и новинарско претерување. Економистот прецизира дека „Ние немаме недостиг од стручен кадар на цела територија, туку тесни грла во одредени професии. Во одредени региони на компаниите им е потешко да најдат кадар за отворените работни позиции."
„Од моја гледна точка не постои комплетен недостиг од стручен кадар", вели и Ларс Нигемајер, експерт за пазарот на труд и социолог од Хановер. „Во најголемиот дел професии имаме голем број невработени стручни кадри за кои има малку слободни места. Во само малку професии е де факто тешко да се покрие потребата од вработување. Но, тоа е само мал дел од сите професии во Германија."
Секое место би можело тројно да биде покриено
Вистински недостиг на соодветен кадар, чисто академски погледнато, може да има само во земја во која владее целосна вработеност. Тоа би значело: речиси секој што бара работа наоѓа и обратно, секое работно место може да биде пополнето. Но, Германија е далеку од таква состојба.
Ако се земат бројките на пазарот на трудот од минатиот месец се гледа дека според Сојузниот завод за статистика во тој момент имало 2,368 милиони невработени и само 772.000 слободни работни места. Чисто математички значи за секое слободно место има повеќе од тројца кандидати. Тоа покажува недостиг на работни места, а не на кадри.
Дури и ако се земе предвид дека не секој од оние кои бараат работа одговара на баран специфичен профил, сепак тешко е замисливо дека побарувачката за стручни кадри не може да биде покриена. Ако претпоставиме соодветни програми за едукација, односно доедукација, би можеле стручни кадри да се најдат во морето на слободна работна сила.
Прогноза
И ако сѐ уште немаме вистински недостиг од стручни кадри - што е со страхувањето дека за неколку години тоа би можело да биде реалност? Прогнозите се секогаш проблематични, смета Герхард Бош од Универзитетот Дуизбург-Есен. А, токму на ова поле непознатите во равенката се големи: како во иднина ќе се одвива отселувањето и доселувањето во Германија? Што ќе смени тоа во демографскиот развој? Како ќе се развива економијата?
Герхард Бош е скептичен во однос на прогнозите за иднината: „Има модели според кои губиме многу работни места со дигитализацијата, односно ќе имаме проблем со масовна невработеност. Од друга страна има модели кои прогнозираат дека ќе ни недостигаат до шест милиони стручни кадри. Голем е јазот меѓу двете. Мене не ми се многу веродостојни."
За Ларс Нигемајер недостигот на стручен кадар и нема да биде фактичкиот проблем: „Ако ги погледнеме последните 20 години забележуваме дека големи делови од населението не беа опфатени од општите зголемувања на платите. 40% од вработените имаат реални загуби во финансиите. Би рекол: ни требаат повисоки плати. Тоа ни е главниот проблем. Не е недостиг на стручен кадар, кој всушност и не постои."
И за Герхард Бош е од помош да се фрли поглед назад, кога се бара да ги процени предупредувањата за недостиг од стручен кадар: „Генерално погледнато не се остварија хорор прогнозите во изминатите години. Да се оствареа, кај нас во еден дел веќе ќе беше зајдено сонцето."