Бајерн „врти“ најмногу пари во Бундеслигата
10 октомври 2013Бајерн Минхен останува финансиско мерило за нештата во фудбалска Германија. Сезоната 2012/13 беше рекордна на спротски план, но постигнат е и финансиски рекорд. Бајерн првпат ја надмина сумата од 400 милиони евра обрт. Тоа Карл-Хајнц Румениге го потврди за „Спорт Билд“, но други детали досега нема.
Предност од 100 милиони евра пред Борусија Дортмунд
Тоа значи дека минхенчани водат јасно пред конкурентите. Вицепрвакот Борусија Дортмунд, кој заврши на второ место и во Лигата на шампиони, минатата деловна година ја завршил исто така со најголем обрт во клупската историја - 305 милиони евра. Но, тоа се речиси 100 милиони евра помалку од Бајерн.
Уште појасна е разликата во финансиите, ако се направи споредба со останатите прволигашки клубови во Германија. Мајнц, на пример, исто така забележал најголем обрт на средства во историјата, но тоа се „само“ 68,4 милиони евра. Фортуна Диселдорф, која испадна од првата лига, имала обрт од 51,1 милион евра, односно само една осмина од обртот на Бајерн. Инаку, во целата прва лига минатата сезона имало обрт од 2,08 милијарди евра.